КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Концерт „Есенски ноти“ на Трио Аура во КИЦ на РСМ во Софија

КИЦ на РСМ во Софија, ул. „Обориште“ 7
28 Oct 2019 - 18:30
Концерт „Есенски ноти“ на Трио Аура во КИЦ на РСМ во Софија (банер)

Триото АУРА го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.

Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често  промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.

 

Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација . Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри (Македонска Филхармонија, Француско-американскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар Софијски солисти, Хо Ши Мин оперскиот оркестар, Нишки симфонијски оркестар, Аморозо камерен оркестар, Лејдис камерен оркестар и др.), солист со многубројни рецитални програми, член на реномираниот „Македонски дувачки квинтет„ и други камерни состави.

Страшо Темков настапува на познатите музички фестивали во земјава и странство: „Охридско лето“, “Есенски музички свечености“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, “Хераклејски вечери“, ”Арт Аполониа”- “ Салон на уметноста”- Софија Р. Бугарија,” НИМУС” , ”ЛЕДАМУС”- Србија, ”Еспресиво”- Цетиње, ”Барски љетопис”- Бар, ”Меѓународен фестивал за камерна музика”- Никшиќ- Ц. Гора, Хрватска, Италија, Германија, Франција, Англија, САД и др., а се вбројува меѓу малкуте македонски уметници кои настапиле во КАРНЕГИ ХОЛ-ЊУЈОК САД – една од најпрестижните светски концертни сали.

Репертоарот на Страшо Темков ги опфаќа периодите од Барок до современата музика, а забележлив е неговиот стремеж за промовирање на нови дела – како на светската литература за флејта, така и на домашното музичко творештво.

Тој има издадено два компак диска во соработка со пијанистката Марија Вршкова во продукција на “МММ“ и “ДКУ-СКОПСКО ЛЕТО“.

Страшо Темков е редовно покануван како  член на жири комисија на реномирани  домашни и меѓународни натпревари . Тој е на врвот на својата професија , уметник со впечатлив  стил на интерпретацијата . 2017г. е добитник на престижната награда „ЗЛАТНА ЛИРА„ за врвни  уметнички достигнувања што ја доделува Сојузот на Музички Уметници на Македонија. 2018 е  добитник на наградата 7-Септември на град Кавадарци за особени постигнувања во областа на уметноста.

Пијанистката Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје и се издвојува како една од најактивните и најуспешните солисти во својата земја. Соработувала со врвни пијанисти и педагози, како Моник Дешосе, Жан Клод Пентје, Милена Молова, Александар Штаркман, Жени Захариева итн. Таа е добитник на повеќе високи државни и меѓународни награди и реализирала бројни концертни настапи.

По покана на угледни сали и институции Гацева концертирала во Њујорк, Париз, Виена, Салзбург, Минск, Киев, Дрезден, Софија, Букурешт, Амстердам, Димен, Елде, Љубљана, Загреб, Пиран, Пловдив, Белград, Порторож, Бар, Цетиње, Логатец итн. Ана Гацева е чест солист со Македонската Филхармонија, Младинскиот Интернационален Камерен Оркестар, Оркестарот за современа музика „Света Софија”, Рускиот Академски Камерен Оркестар, Битолскиот камерен оркестар. Гостувала на реномираните меѓународни фестивали: Охридско лето, Museum de Buitenplaats, Минска пролет, Les concerts de Midi&Demi, Киевски музички фестивал, Meridian Festival Bucharest, Загребски летен фестивал, Пирански музички вечери, Фестивал Барски љетопис, Kamermuziek in De Hoop, “Еспресиво- Цетиње, Денови на македонска музика, Штипско лето, Макарски летен фестивал, Летен фестивал во Омиш, Љубљански композиторски форум, Хварски летни приредби итн.

Реализирала бројни снимки за Македонска Телевизија, како и снимки за Радио Скопје, Радио и Телевизија Загреб, Радио Љубљана. По покана, одржала бројни семинари и била член на жирија на натпревари по пијано интерпретација во својата земја и надвор од неа.

Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на македонски композитори, кои таа активно ги промовира во земјата и надвор од неа.

Во 2012 година таа е добитник на високата награда „Георги Божиков“ за најдобар музички изведувач, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

Марјан Милошевски своите први професионални почетоци ги започнува во камерниот оркестар за модерна музика Света Софија, со кој настапува на Охридско Лето и Денови на Македонска Музика. Продолжувајќи понатаму станува член на Националната Опера и Балет во Скопје. Во 2000 г. гостува во Операта во Тирана, Албанија.

По завршувањето на факултетот се запишува на магистарски студии на музичкиот факултет во Скопје. Карактеристично за рециталите во склоп на студиите е тоа што делата беа премиерно изведени во Р. Македонија. На Мајсторската школа во Дубровник 2002 г. се запознава со неколку менаџери од областа на класичната музика, тие забележувајќи ја неговата интерпретација  му доставуваат понуди за соработка меѓу кои и вооркестарот за нова музика СОНЕМУС.

Со СОНЕМУС има остварено бројни концерти на балканот но и во други европски центри.  Во 2003 г. настапува со симфонискиот оркестар на ФМУ како солист на Моцартова вечер. Подоцна со СОНЕМУС заминуваат во Швајцарија каде работат во Националниот Театар во Винтертур и имаат повеке значајни концертни турнеи. Истата 2003 г. магистрира на темата: “Интерпретација на фагот“.

Во 2004 г. ја основа музичката работилница АД ЛИБИТУМ која имаше повеќе камерен карактер и во чиј склоп работеа - дрвен дувачки квартет и квартет фаготи. Има остварено неколку самостојни рецитали во Р.Македонија и надвор од неа. Сеуште активно работи во повеќе камерни состави како Трио Опера, Кон Темпора,Дувачкиот квинтет на МОБ, Трио Аура и други. Моментално е вработен во МОБ како прв фаготист и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Милошевски е фаготист од поновата генерација кој со успех ги изведува делата како од старите мајстори, но ги следи и најновите правци на сериозната музика.

 

Share

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
 
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30