КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во Македонскиот КИЦ во Софија

Во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се одржа извонреден концерт-рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска. Со внимателно селектирана програма, Стојановска им понуди на присутните едно вистинско музичко доживување, во кое звучеа дела од четири великани на класичната музика – Јохан Себастијан Бах, Франц Шуберт, Ференц Лист и Александар Скрјабин.

Концертот беше уметнички спој на различни музички епохи – од барок до романтизам и рана модерна, каде преку интерпретативната зрелост на Стојановска, секое дело оживеа со нова димензија. Публиката имаше можност да ја почувствува, не само техничката прецизност, туку и исклучителната емоционална длабочина која таа ја внесува во својата изведба. Секој тон, секоја фраза беа исполнети со смисла, со внимателно обликувана музичка мисла што говорат подеднакво и на интелектуално и на емоционално ниво.

Со делото на Бах, концертот започна во духот на возвишената форма и чистата структура. Потоа, со лиричноста на Шуберт и драматичната виртуозност на Лист, програмата доби романтична тежина, за да кулминира со експресивноста и филозофската мистичност на Скрјабин. Горјана Стојановска, преку своето изведување, успеа не само да ги поврзе стилските разлики, туку и да ја потенцира универзалноста на музиката како јазик што допира до секого.

Како дел од настанот, а во рамки на одбележувањето на јубилејната 20-годишнина од постоењето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на пијанистката ѝ беше врачена благодарница „Мостови на културата“, симбол на признание за нејзиниот придонес во зајакнувањето на културните врски. Ова признание беше уште една потврда за нејзината уметничка вредност и значењето на нејзиниот настап во контекст на културната дипломатија.

Инаку, за Горјана Стојановска е родена во Битола, каде на осумгодишна возраст ги започнува своите музички студии во Државното музичко училиште во Битола. Нејзиниот талент и преданост кон инструментот брзо се истакнуваат, па матурата ја завршува во класата на проф. д-р Татјана Божиновска, една од највлијателните педагошки фигури во македонската пијанистичка школа.

Своето високо образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде првите две години студира кај проф. Борис Романов, а потоа кај проф. д-р Марија Ѓошевска, кај која дипломира во 2017 година и магистрира во 2019 година. Со посветеност на постојано унапредување, во 2018 година се запишува на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија, во класата на меѓународно познатиот пијанист и педагог Рубен Далибалтајан, каде ја комплетира својата специјализација во 2020 година.

Стојановска има учествувано на бројни мастер-класи со еминентни музички педагози, меѓу кои: Јуриј Кот, Андреј Диев, Јулија Губајдулина, Борис Романов, како и со нејзиниот долгогодишен ментор Рувен Далибалтајан. Овие искуства ѝ овозможуваат да ја изгради својата препознатлива уметничка индивидуалност, која се одликува со техничка извонредност, длабока музикалност и силна интерпретативна визија.

Како пијанист, Горјана бележи бројни солистички настапи во земјата и странство, меѓу кои се издвојуваат настапите со Македонската филхармонија во 2011 и 2014 година, како и концертот со камерниот оркестар на Националната опера и балет во Виена во 2024 година. Учество земала и на реномирани фестивали: „Есенски музички свечености“ – Скопје, „Охридско лето“ (во рамки на програмата „Подиум на млади“), „Бит-Фест“ – Битола, и други.

Што се однесува до концертот во Софија, тој беше повеќе од обичен музички настан, тој беше културен мост, тој беше дел од мисијата на Македонскиот културно-информативен центар за претставување на современите македонски уметници надвор од границите на државата. Присутната публика, составена од љубители на класичната музика со топли аплаузи ја награди извонредната изведба на Стојановска.

Со овој концерт, Горјана Стојановска уште еднаш ја потврди својата улога како важен дел од современата македонска музичка сцена, но и како уметник кој достоинствено ја претставува Македонија на меѓународната сцена. Нејзиниот настап беше доказ за тоа дека класичната музика, и покрај брзината на модерното време, сѐ уште има моќ да го збогати духот, да предизвика размислување и да нè потсети на убавината на тишината помеѓу нотите.

Настани

30 Jun 2025 - 18:30

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на...

КИЦ на РСМ во Софија, ул. „Обориште“ 7
Share

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
 
 
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31