КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложбата „Предизвици и насоки“ во Бургас од 9 јуни

Сала „Георги Баев“, КЦ „Морско Казино“, Бургас
9 Jun 2021 - 17:00
Изложбата „Предизвици и насоки“ во Бургас од 9 јуни (банер)

На 9-ти јуни од 17 до 19 часот, во Културен Центар „Морско казино“ – Бургас, ќе се одржи отворањето на изложбата „Предизвици и насоки“, која е дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на РСМ за 2021 година.

Изложбата содржи уметнички дела селектирани специјално од дванаесетте современи автори – учесници, кои ги претставуваат своите ставови и предизвици во периодот од почетокот на пандемијата од Ковид-19 до сега. До колку овој глобален проблем ги променува начините на размислување кај авторите и нивната насока во творештвото. Како одговор на овие прашања, сите поодделно, направија селекција на свои дела и се обидоа преку нив да го претстават нашето време и нашата индивидуална посебност. Во изборот се најнови творби, како и дела создадени порано, но кои одговараат на духот на денешното време.

„Кон борбите за опстојување на идентитетот на секоја една единка во глобалниот свет е додадена уште една војна со вирусот кој го оспорува физичкото присуство на човечката раса на Земјата и влијае врз нејзиниот психички и духовен живот. Повторно сме исправени пред предизвикот повеќе да градиме, отколку може да биде разрушено и уништено од силите кои не го вреднуваат нашето постоење, пред се духовно. Така стигнуваме до творештвото и од потребата реалноста да се доградува и обогатува.

Творечките личности поврзуваат, надоградуваат, не делат и рушат, нивните дела во денешницата се сè повеќе потребни.  Само преку творечкиот приод може да се отфрли секое едно ропство на материјата и духот. Тргнувајќи од таа потреба, од оформување на една изложба, која би ставила фокус врз нашиот современ проблем, ја предложив идејата на уметниците со кои по еден или друг начин сме поврзани и поголем дел од нив се согласија да земат учество.

Како и во наши претходни изложби се вклучија уметниците кои се од Република Северна Македонија, но кои живеат и работат во Република Бугарија, тоа освен мене – Иво Пецов, се Марјан Ѕингаров - Ѕин од Струмица, Маријана Иванова од Виница и Перица Георгиев – Пепси од Скопје. Македонскиот уметник од Битола Димитар Христов ни ги испрати своите дела од Берлин. Атанас Ботев учествуваше во изложбата од проектот „Поврзување“ во 2019 година и заедно со Ана Лазаревска и Хари Дудески од Скопје зема учество и во оваа селекција. Нашата поврзаност е збогатена со последните два автори, кои ќе дадат различни естетски насоки. Тука се делата и на уметникот и поет Роман Кисјов од Софија, кој во минатото има остварено многубројни соработки со македонски автори, најчесто на полето на поезијата. Ликовните уметници и професори во Националната Ликовна Академија Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија исто така се вклучија со свои дела.

Освен ликовните дела, уметниците ги запишаа своите мисли во неколку реченици, како дополнување на визуелниот дел.

Маријана Иванова презентира дела создадени специјално за изложбата. Тука е нејзината експериментална графика од три дела, насловена како „Дисекција на мајката“ каде позајмувајќи ја од историјата на уметноста силуетата на „Големата мајка“ од неолитот ја поставува во еден современ контекст, поврзан со Ковид-19. Втората творба „Новото Сонце“ изобилува од атрибути на новата реалност, тука се предметите кои го илустрираат нашето зголемено внимание кон нив.

Нејзиниот однос кон темата е изразен во неколку реченици: „Времето на Ковид-19 за мене беше време на согледување и преоценување на вредностите - културните, моралните, временските и развојот на општествените стеги. Мојата серија од три експериментални графики со линолеум се фокусира на мајката и жената како фигура и ги споредува нејзините почитувања уште од каменото време со искривувањето на идеалите кои настапуваат во модерните времиња“

Перица Георгиев – Пепси ги создава своите цртежи додека е на својот болнички кревет и се лекува од болеста која го отровила телото, но творечкиот дух се зачувал, дури и во тие услови. Тој има потреба во тој период да се изрази преку цртањето, за да ги запечати моменталните впечатоци од случувањето во неговото тело и ум. Тој ги набљудува тие промени како сведок во медитативна состојба. Неговите зборови по тој повод се: „Болеста е воз од проекции и спомени, минато, најразлични состојби… Life review.“

Насликаното и преживеаното го тера да се сети за едно чувство од порано, заложено во негови слики од 1988 година и тоа е причината заради која и овие две слики се дел од изложбата.

Атанас Ботев учествува со три дела од 2012 година и едно видео од 2020 година.  Богатата имагинација создала многубројни комбинации од форми и ликови во исликаните дела, користејќи акрилни бои. Тие мноштва од ликови и форми кои исполнуваат една обопштувачка силуета, можат да формираат мноштво аналогии и прочити. Во нив е скриена една кошмарност и неизвесност од исходот при оживување на имагинарната реалност. Наполно адекватно на нашата современа Ковид-реалност.

Видеото кое го претставува неговиот личен карантин е индикативно за нашето масовно отуѓување, на секој еден од нас поодделно, затворен во својот дом.

Тој вели: „Кризните ситуации секогаш генерираат внатрешни и надворешни конфликти кај една личност а еден од најдобриот начини за справување со таквите состојби е творештвото коешто во својата природа е терапевтско. Ако се земе предвид дека сликарството е крајно индивидуална и осаменичка професија тогаш може да се каже дека карантинот е мој природен хабитат во којшто ги скротувам конфликтите, генерирајќи ликовен јазик поттикнат од рационални, ирационални и потсвесни импулси

Марјан Ѕин ги насликал празните места на нештата кои некогаш биле, а сега останало само нивното отсуство. Отсуството е главната тема во неговите последни дела, создадени за оваа изложба. Во нашиот живот се вгнездило отсуството, ни укажува тој со своите дела, и во неколку реченици споделува: „Во 2020 сите бевме сведоци на комплетното стопирање на животот каков што го знаевме и тоа на сите нивоа, и материјални и духовни. Се затворивме и физички и духовно, исчезнавме од улиците, исчезнавме од секојдневието... станавме отсутни. Таа отсутност се отслика и врз моите платна преку празнината и неконкретни форми како спомен од едно друго постоење.“

Димитар Христов ја има изоставено човечката фигура, ја изоставил можеби и човековата суета, зашто оваа криза го натера да се врати во едно македонско планинско село директно од Берлин, каде што живееше до пред извесно време. Тој ги претставува своите дела од 2019 година, годината пред пламнувањето на Ковид-19 во Европа, но во неговите слики отсуството е веќе таму. Неговите зборови го илустрираат тоа: „Се оддалечив од мноштвото луѓе, ме привлече природата. Во ова време само сакам да ја отфрлам зависноста и да се самооджувам, да бидам независен. Се оддалечив од шумот и вревата на големиот град и општество. “

Ана Лазаревска нè прашува: „Што оставаме на следните генерации, со одлуките кои ги донесуваме денес?“ На оваа изложба се претставува како автор на две фотографии: „Тишина“ и „Заедништво“. На нив јасно се гледа едно враќање кон чистотата на детството и тишината на природата. Таа обраќа поглед кон позитивното сфаќање и враќање кон човечкото во човекот, преку заемни чисти меѓуодноси.

Хари Дудески се претставува со дигитални графики, кои се напоени со некакво меланхолично чувство, тишина и отуѓување. Неговиот фокус е главно врз човекот во денешната цивилизирана реалност, која монструозно го притиска обичниот човек. Во делата на Хари Дудески како цивилизацијата да е непријателски свртена кон човекот, кој ја има развиено. Во нив се носи парадоксот и прашањето – зошто човекот е против самиот себе?

Кон темата тој се изразува на следниот начин: „Живееме во време во кое човековата свест има потреба да се менува на повеќе нивоа. Уметноста како начин на истражување ни дава можност да ги разбереме моменталните предизвици и нивните контексти и да ги преточиме знаењата во решенија за социјално влијание.“

Роман Кисјов учествува со делата „Маска“, „Ѕвезда“ и „Јајца на феникс“, со кои прави природна врска со неговата поезија. Тој користи исчистени форми и силуети, кои се претвораат во знаци и во нив тие ги чуваат шифрите и тајните на неговата уметност. За достигнување на своите силни визуелни претстави тој го користи контрастот, доведен до црно и бело - како почетокот и крајот, како земјата и небото, како животот и смртта, и новиот живот…

Неговите зборови кон темата на изложбата: „Самиот творечки акт е веќе предизвик, особено во време на криза: борба на светлината со темнината – светлината на творештвото и креативноста со мракот на моментално актуелното и нетрајното; насоката на искачувањето (воздигнувањето, просветлувањето) наспроти насоката на пропаѓањето (потонувањето, паѓањето).“

Свилен Стефанов ги претставува „Три глави во стаклена витрина“, наслов кој го користи за две свои слики и „Две глави кои зборуваат“. За неговата уметност е тешко да се говори, освен ако тој самиот не го направи, затоа што во неговото ликовно творештво има многу од неговиот интелектуален багаж како историчар и теоретичар на уметноста. Тој го користи изразниот јазик на апсурдното, парадоксалното, изненадата…

Тој по повод оваа тема е краток: „Пандемијата е поврзана со внимателна опсервација на моето сопствено творештво и со моите претчувства за отуѓувањето на личен и социјален план“.

Росен Тошев го користел фокусот на својот фотоапарат, во кој влегуваат семејства во нивната домашна средина. Во кадрите се забележуваат различни предмети од секојдневието, детски играчки и на преден план насмевнати или замислени лица на домаќините и децата, кои најдобро се чувствуваат во својот дом, без разлика дали тој е богат или беден.

По повод учеството на оваа изложба, тој има напишано: „Затвореноста во овие услови не е мал предизвик. Време за семејство...“

Георги Јанков во оваа 2021 година создаде светлечки објекти, со користење неонови светилки, поставени врз метална основа. Две од неговите најнови дела се вклучени во изложбата. Во неговите зборови, по повод изложбата, се содржи и одговорот за мотивите, кои го натерале да ги создаде: „Моите дела се предизвикани од светската пандемија, која го натера човештвото да се замисли врз основни вредности и да го преиспита својот консуматорски однос.“ Неговиот творечки јазик е исчистен, силен и впечатлив, како што и би се очекувало од докажан специјалист, кој се занимава со визуелна комуникација и плакат.

Иво Пецов – За оваа изложба ги избрав моите дела од минатата 2020 година „Ограничениот создава себеидентичности од кои бега “, „ Чевличе врз шините“ и „Глув поздрав од дистанца“. Тие се дел од неколку платна од 2020 година, кои ги имав посветено на нашиот современ глобален проблем.“

 

Share

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31