На 24 февруари (четврток) 2022 во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија ќе биде отворена изложбата „Моите мисли“ на младиот унгарско-бугарски ликовен уметник – студент по сликарство во Софискиот Универзитет Адам Фекете. Посетителите се добредојдени за средба со авторот меѓу 16:00 и 19:00 часот.
Изложбата е составена од дваесетина досега неизложувани дела, изработени во последните 3 години. Авторот се инспирирал од времето во кое живееме. Ликови, чувства и мисли, сето она што не опкружува, шарениот свет на нашето време – покрај се, инспирациите ги следат мислите и го наоѓаат своето решение врз платното. Во колористичниот дијапазон, смелоста и прекршената реалност во апстрактните сликарски и графички дела на младиот уметник ја пронаоѓаме слободата. „Кога цртам се чувствувам слободен“ – Адам Фекете.
Младиот уметник е длабоко поврзан со инстинктот за слобода во своето творештво. Енергија и бои, слободен дух и оригиналност се доловуваат во неговите дела. Оригинален на свој начин, возбудлив и наративен, инспиративен и колоритен.
До завршување на средното образование тој живее и учи во три европски престолнини – Софија, Брисел и Будимпешта. Слика со акрилни, текстилни и маслени бои, туш и перо, јаглен, пастел, молив, креда, песок… прави керамика, изработува колажи, слика на стакло, графика, батик со топол восок. Во Белгија се оддава и во цртањето на мали фигури – војници, офицери, коњи, згради, создава макети од различни историски епохи.
Некои од делата на Адам Фекете се сопственост на ценители во Германија, САД, Бразил, Канада, Велика Британија, Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Унгарија, Русија, Австралија, Шпанија, Бугарија… Младиот уметник има признанија, поздравни писма, како и книга со коментари од неговите први изложби.
Адам Фекете има 18 самостојни изложби во Бугарија, Унгарија и Белгија.