Проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески на 25 април 2024 ја имаше својата премиера во Бугарија, на сцената на салата “Бугарија“ во Софија. Станува збор за исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов.
Квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар. Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова која им се приклучи на музичарите на сцена.