Амбасадорката Агнеза Руси Поповска и новоименуваниот директор на Културно-информативниот центар на Р. Северна Македонија во Софија, проф. д-р Васо Ристов, остварија средба со министерот за култура на Р. Бугарија Најден Тодоров.
Во текот на разговорот беа разгледани тековни и нови иницијативи и можности за унапредување на културната соработка и размена.
Беше истакнато исклучително успешното гостување на бугарската Национална опера и балет во Скопје со претставата „Валкира“ во мај 2024 година. Се очекува настапот на Националната опера и балет на Северна Македонија на сцената на Софиската опера оваа есен со уверение дека истиот ќе помине исто толку успешно.
Паралелно со воспоставувањето контакти и размени меѓу големите и престижни фестивали како што се „Варненско лето“ и „Охридско лето“, амбасадорката Поповска предложи проектот „Македонисимо“ на македонскиот маестро Симон Трпчевски, со учество на музичари од Бугарија и од Северна Македонија, кој неодамна гостуваше во Софија, да биде претставен и во други градови во Бугарија
Изразувајќи го својот позитивен став кон реализираните проекти на г-дин Ристов во Бугарија, министерот Тодоров сподели информации за иницијативата за организирање заеднички концерт на Софиската филхармонија (Бугарија), Државниот симфониски оркестар од Солун (Грција) и Филхармонијата на Северна Македонија во Софија, а понатаму и во Скопје и во Солун. „На овој начин ќе можеме истовремено да се фокусираме на зближувањето на балканските земји, но и да му покажеме на светот што можеме да направиме“, сподели министерот Тодоров.
Во врска со гостувањето на фолклорниот ансамбл „Танец“ во градот Гоце Делчев минатата година и поканата Државниот фолклорен ансамбл „Филип Кутев“ да настапи во Северна Македонија, министерот Најден Тодоров предложи да се организира настан на кој двата фолклорни ансамбли да се натпреваруваат со надигрување.