На 17 декември во централната зграда на Сојузот на бугарските уметници, во светлата и голема сала 1А, се одржа отворањето на изложбата „Пред екранот“ од проектот „Поврзување“ на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. На изложбата се претставени 21 автори од Македонија и Бугарија: Жанета Вангели, Ирена Паскали, Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Зени Балажи, Вана Урошевиќ, Иванчо Талевски Павел Целкоски, Маријана Иванова, Зоран Мише, Марјан Ѕингаров, Перица Георгиев – Пепси, Кољо Мишев, Иво Пецов, Богдан Александров, Елизар Милев, Емил Бачијски, Иво Бистрички, Карина Попова, Свилен Стефанов, Слав Недев.
Официјалниот дел од вечерта започна со обраќањето на директорот на Македонскиот КИЦ во Софија – проф. д-р Зоран Пејковски, по што на присутните им се обрати г-ѓа Пејка Трајановска, советник во македонската Амбасада во Бугарија.
Г-ѓа Силва Хачерјан, директор на Дирекција „Меѓународна соработка“ при Министерството за култура на Р. Бугарија, се обрати и го прочита поздравното писмо од министерот Тодоров, во кое меѓу другото се вели:
„Преку силата на уметноста и креативноста изложбата ја потенцира важноста на дијалогот, соработката и заемното разбирање помеѓу нас. Убеден сум дека настанот ќе биде извор на инспирација за сите посетители, но и ќе ги зацврсти врските меѓу Р. Бугарија и Р.С. Македонија и во културната, и во општествената сфера“.
За концептот на изложбата на современа ликовна уметност говореа тројцата куратори. Најпрво д-р Иво Пецов ја запозна публиката со иницијативата и процесот на составувањето на изложбата, тој исто така истакна:
„Како и во претходните наши курирани изложби, така и овој пат, претставуваме изложба преку која обработуваме актуелна тема, а имено темата за влијанието на информативните технологии и техники врз животот на човекот. Појдовната замисла на изложбата „Пред екранот“ беше да ги стави на фокус информативните техники и технологии, како и начинот на нивното користење. При изборот на делата требаше да се размислува за современата техника, преку која добиваме информација, којашто најчесто е во редактиран, инстант вид.“
Д-р Сузана Николова се заблагодари за учеството во проектот „Поврзување“ и накратко ги претстави бугарските уметници и делата, која што таа ги селектираше, додека Горанчо Георгиевски ги претстави македонските учесници во изложбата. Тој се заблагодари за довербата да биде повторно дел од проектот, ги посочи условите и климата која проектот ја создаде во минатото, што резултираше со дополнителни изложби во двете земји.