
На 20 март 2025, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи јубилејниот концерт „20 години Баклава“ на групата Баклава во состав: Елена Христова (вокал, укулеле, композитор), Влатко Терзиски ( кларинет), Сашо Митев ( кавал, тамбура, гитара), Владимир Стојчевски (бас гитара), Трајче Ристов (тарабука, кахон, деф, тапан).
На програмата на концертот се традиционална македонска музика, традиционална музика од светот, како и авторска музика, компонирана од Елена Христова.
На концертот во културно информативниот центар во Софија, групата Баклава која го чествува јубилејот на своето 20 годишно постоење, ќе се претстави со богата програма од традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици. Се работи за песни кои Елена Христова ги аранжира и селектира од целокупниот репертоар на Баклава, која зад себе има 5 албумски изданија. Со музицирањето на групата Баклава, овие уметнички соединувања ќе прозвучат како едно, една душа. На овој начин групата Баклава преку својот личен музички израз ќе ја посведочи љубовта и поврзаноста на различни народи.
Групата Баклава оваа година го чествува своето дваесетгодишно постоење. Започнува во четиричлен состав (вокал, деф и две тамбури) имајќи го минимализмот како своја водилка во музицирањето. Баклава има пет албумски изданија (Баклава, Калемар, Ме манкас мучо, IV, За Скопје со љубов) во кои освен традиционалната македонска музика, традиционалната музика на светот, доминира авторскатата музика која кокетира со различни музички стилови имајќи разновидни музичари кои мајсторски импровизираат со своите инструменти. Баклава има богата светска музичка кариера, свој документарен филм (Баклава форма која поврзува) и учество во неколку филмови и серии. Баклава е членка на Мост Музик – Мост на балканската музика. Баклава не е само благ деликатес, туку е совршена геометриска фигура присутна во традицијата, етнологијата филозофијата, математиката, архитектурата и секако во музиката на музичката група Баклава.
Елена Христова е пеач, музичар (кавал, сантур,ут, деф), композитор, истражувач, документарист. Таа е основач на групата Баклава и Биоскопија и дел од проектите Баба Зула, Бекјард Џез Оркестра, Бистри Води. Соработува во разновидни музички и филмски проекти.
Владимир Стојчевски работи како професор на академијата ЕСРА и е басист во составот Културно уметнички работници.
Сашо Митев е етномузиколог вработен музичар во НУ Ансамбл Танец (кавал)
Влатко Терзиски е вработен музичар во НУ Ансамбл Танец (кларинет)
Трајче Ристов е вработен музичар во НУ Ансамбл Танец (тапан, тарабука)
Дени Крстев работи како инженер на звук во Студио 1060.