На 25 октомври 2012 година, Министерката за култура на Р.Македонија, Др Елизабета Канческа-Милевска имаше обраќање пред министрите за култура на земјите од Југоисточна Европа во рамките на 8-та Министерска конференција за културно наследство во Југоисточна Европа, на тема "Нематеријалното културно наследство и одржливот развој“ која се одржа во Софија, Република Бугарија.
Во фокусот на конференцијата беше подобрувањето на регионалната соработка за заштита на нематеријалното културно наследство во Југоисточна Европа, а беше поздравено и отворањето на Регионалниот центар за нематеријално културно наследство, кој во Софија функционира од февруари годинава. На конференцијата беа поздравени и регионалните активности во рамките на новата глобална иницијатива "Култура: Мост за развојот“.
Во своето обраќање Канческа-Милевска истакна дека одржувањето на конференцијата ја покажува заложбата на земјите од ЈИЕ меѓусебно да соработуваат во рамките на УНЕСКО, Европската Унија, Советот на Европа и, воопшто, како земји-соседи кои на пријателски и демократски начин ги споделуваат заедничките потреби, иницијативи и вредности во доменот на културата и културното наследство.
"Дозволете ми да ја изразам мојата увереност дека со јакнењето на заедничката соработка ќе ги имплементираме нашите одлуки донесени на овие значајни средби и ќе успееме на нашите идни генерации во регионот да им оставиме наследство на воспоставена комуникација кое ќе се базира на нашата заемна толеранција и разбирање, воспоставен дијалог и почитување на културните разлики“, истакна Канческа-Милевска.
Министерката за култура информираше дека една од најприоритетните заложби на Владата на Република Македонија е заштитата на културното наследство и валоризација на неговите потенцијали. Таа подвлече дека Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство која успешно е имплементирана на национално ниво во Законот за заштита на културното наследство.