Во информатичкото општество, библиотеките се незаобиколни центри на знаењето, а нивната задача е и евидентирање на резултатите од "интелектуалната продукција". Меѓутоа, својата улога не можат да ја извршуваат доколку нивното функционирање не е поддржано со современата информациска и комуникациска технологија. Исто така, не можат успешно да функционираат како осамени острови, туку мораат да се поврзуваат и на тој начин да обезбедуваат услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој на секоја држава и на меѓународната заедница во целост.
Заедницата на југословенските национални библиотеки во 1987 година го прифати системот на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем и системот на научни и технолошки информации на Југославија, а улогата на носител на развојот на организациските решенија и на програмската поддршка ја презеде Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор.
Во 1991 година ИЗУМ го промовираше системот COBISS (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) како надградба на системот за заемна каталогизација. Тогаш започна да се користи истиот акроним и за соодветната програмска поддршка. Заради распадот на Југославија библиотеките надвор од Словенија потоа истапија од заедничкиот систем на заемна каталогизација, но постепено скоро сите ја обновија соработката со ИЗУМ и денес, во своите држави, градат автономни библиотечно-информациски системи врз платформата COBISS со заемна каталогизација во мрежата COBISS.net..
За информации и настани од сајтот