Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија и Националната галерија на Р. Македонија, во соработка со Министерството за култура на Р. Бугарија, на 8 ноември во 18:00 часот, во престижната галерија Средец беше отворена изложба на современиот македонски сликар Нове Франговски. Изложбата ја отворија заменик-министерот за култура на Р. Македонија Драган Недељковиќ и заменик-министерот за култура на Р. Бугарија Димитар Дерелиев.
Нове Франговски е роден во Галичник 1939 год. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности (оддел сликарство) во Белград, Р Србија. Специјализирал на Академијата за убави уметности во Рим, Италија, 1973 год. Во 1990 година ја оформува и раководи со Интернационалната ликовна колонија – Галичник. Работи како самостоен уметник.
Со над дваесет самостојни изложби се преставил во земјата и странство. Учествувал со свои дела на над 150 изложби во Р.Македонија и надвор од неа, како: Турција, Франција, САД, Велика Британија, Германија, Грција, Романија итн.
За своето творештво повеќе патти е наградуван.