Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија и Националната галерија на Р. Македонија, во соработка со Сојузот на ликовни уметници на Р. Бугарија на 9 септември во 18:00 часот, во галеријата на Сојузот на ликовни уметници на Р. Бугарија, на улица Шипка се отвори ретроспективна изложба на современиот македонски сликар Новица Трајковски.
Новица Трајковски завршил Факултет за ликовна уметност во Скопје, отсек сликарство во класата на проф. Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија- ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Автор е на над 30 самостојни изложби во Македонија и странство, учествувал во бројни групни изложби. Изложбата ја отворија г-ѓа Маја Крстевска- директор на Националната галерија на Р. Македонија, г-дин Д. Грозданов- претставник на Сојузот на ликовни уметници на Р. Бугарија и г-ѓа Доста Димовска- директор на КИЦ.