На 12-ти Септември 2019 година, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија, се отвори изложбата „Концепти за урбани пејзажи“ на авторките од Северна Македонија, Катерина Деспот и Васка Сандева.
Изложбата е дел од програмата за 2019 година на нашето Министерство за култура и претставува 14 колажи и паноа кои се уметнички приказ на урбаната средина која што, освен практична има и естетичка функција во градењето на урбаната архитектура и градскиот пејсаж на паркови, плоштади, споменици итн.
На самата изложба, која беше многу посетена, имаше гости од општествениот и јавниот живот на град Софија, дипломати, новинари, колеги уметници и пријатели на КИЦ. Во многу позитивна атмосфера на отворањето на настанот зборуваа директорот на КИЦ на РСМ во РБ, д-р Сашко Насев, авторките Катерина Деспот и Васка Сандева, а присутните гости ги поздрави и амбасадорот на РСМ во РБ, Марјан Ѓорчев.
Многуте присутни го поздравија почетокот на есенската сезона на уметничката програма на КИЦ на РСМ во Софија и се во очекување на големиот број концерти на класична музика, литературни промоции и изложби во текот на преостанатите месеци на 2019 година.