Изложбата „Тектонски пореметувања“ на македонскиот ликовен уметник Зоран Арсовски – Бабата ќе биде отворена во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија на 3 октомври 2019 година, со почеток од 18:30 часот. По успешното претставување на изложбата во три српски града оваа година, за публиката во Софија доаѓаат околу шеесетина дела од неговиот ликовен опус во мал формат. Посетителите ќе имаат можност да ја видат оваа изложба до 28 октомври.
Зоран Арсовски - Бабата е роден 1980 во Куманово, Северна Македонија. Дипломирал 2005 година и магистрирал 2007 година на Националната ликовна акдемија во Софија, насока „Сликарство“ во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Свои самостојни изложби има реализирано во македонските градови: Куманово, Струмица, Прилеп, Охрид, Гевгелија, исто така во српските градови: Белград, Кучево и Књажевац. Ова е негово прво самостојно претставување во бугарската престолнита, по неговите студии во Софија.
Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, симпозиуми во Северна Македонија и странство.
Работи во Национална установа центар за култура „Трајко Прокопиев”, Куманово, како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Роберт Цветковски (историчар на уметноста) за делата од изложбата „Тектонски пореметувања“:
Постојат многу современи уметници коишто своите ликовни творби ги врзуваат за актуелните случувања во времето во коешто живеат, притоа со настојување да го изнесат својот став пред пошироката јавност, со што би го дале својот придонес во борба на човештвото за подобро уредување на планетата и животот на неа. За жал, во последните дваесетина години стана јасно дека уште сега мораме да преземеме радикални чекори за да обезбедиме опстанок на човечкиот род и на севкупниот животински свет на планетата Земја, затоа што со своето неодговорно однесување, мотивирани од брзиот профит, користевме технологии коишто на подолг рок трајно ја уништуваат животната средина. Во минатото, големите промени на земјината кора беа предизвикани од тектонските пореметувања како природни појави од геолошки тип, а денес, за жал, големите промени од тектонски размери се предизвикани од човечките активности па оттука и насловот на темата “Тектонски пореметувања“, којашто на свој оригинален визуелен начин ја обработува академскиот уметник Зоран Арсовски - Бабата.
Во заложбите на своите трудови да им пристапи двозначно, во филозофски и уметничко-визуелен мод, Арсовски ги користи методите коишто најдобро ги познава а тоа е ликовната вештина, знаењето и искуството во воспоставувањето на визуелната комуникација помеѓу себе и поширокиот аудиториум, без страв дека со отварањето на еден комплексен дискурс себеси ќе се изложи на тешка задача. Предизвикот е уште поголем ако знаеме дека темата е обработена на минијатурни формати ( 10х10 см.) каде што самиот автор си поставил високи критериуми во завршната обработка којашто претпоставуваше висока прецизност на цртежот, добро поставена композиција, колористичко балансирање во нијансите и рационално користење на малиот простор како би се овозможило на гледачот јасно да ја разбере пораката којашто произлегува од идејата. Користејќи ги доследно овие постулати во сите свои трудови, Арсовски настојуваше да отвори полемика на зададената тема во еден поширок временски дијапазон со третманот на содржини коишто предизвикаа штетни промени во животната средина, потоа теми коишто се однесуваат на сегашните состојби, но и теми коишто ја наговестуваат блиската иднина. За да се постигне сето тоа на малите платна, користи акрилна боја која мајсторски ја позиционира со сликарскиот алат и од таа креативна навигација на сликарските движења го создава чудесниот свет на микрокосмичката реалност, којашто инстантно се апсорбира во окото на конзументот со својата атрактивна појава како и со својот колористички шарм.
Целиот процес е воден од интуитивната креативна енергија којашто манифестира искрен пристап без калкулација и комерцијализација на сликарската мисла која, пак, се материјализира во едно финално дело. Затоа и јазикот на којшто говори Арсовски делува комплексно и зрело, и зрачи во еден поширок опсег: од реални фигуративни претстави до асоцијативно-апстрактни решенија со одредени назнаки коишто се често од минималистички карактер кои ја одредуваат целата смисла и идеја на ликовното дело.
Во некои остварувања, доминира експресија на колоритот а цртачаката компонента е ставена во втор план, додека, пак, во некои основата на композицијата е сложено структуиран цртеж којшто гради целина со помош на многу ситни детали поставени во еден причинско-последичен однос, сличен на оној во самата природа на постоечкиот универзум. И сето тоа се трансформира во еден необичен свет којшто е реален како и секој друг, којшто живее на малото платно но и во окото на гледачот, којшто молчи и гласно ги изразува своите пораки во зависност од тоа кој е перцепиентот на тој мал дел од креираната реалност. А пораките можеби делуваат застрашувачки: изумирање на многу животински видови, претежно птици, инсекти и тропски цицачи, како последица на човечките активности, пред сè погубното дејство на модерните технологии на човечкото здравје и околината, како и глобалното загревање на планетата со незамисливи последици по севкупниот живот на планетата. Затоа овој опус на делата на Зоран Арсовски Бабата треба пред сè да го разбереме како крик и последно предупредување до сите луѓе коишто ја сакаат оваа планета и можат со своето влијание да помогнат во зачувувањето на животната средина, но и како дел од една единствена интимна авторска креација којашто ја посветува на еколошката идеја.