На 10 декември 2020 година требаше да се одржи манифестацијата - завршниот настан на проектот„Денови на македонската литература за деца 2020“ во КИЦ на РСМ во Софија, но заради состојбата во светот и епидемијата на ковид -19, во екот на пандемија, завршниот настан ќе биде реализиран онлајн и со видео записи од проектните активности.
За таа цел на 10.12.2020 година во 18.30 часот на Zoom линк ќе бидат вклучени сите учесници на проектот, а воведно обраќање ќе имаат: директорот на КИЦ на РСМ во Софија г-дин Сашко Насев и програмскиот уредник на проектот м-р Ели Маказлиева.
За литературните и педагошките аспекти на литературата за деца ќе говорат: проф д-р Кристина Николовска и проф. д-р Анета Баракоска.
Книгата за деца – сликовницата „ Авантурите на желчето Тео“ избрана на конкурсот за „ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА 2020“ ќе биде промовирана од страна на членот на жири комисијата - Лила Арсова.
На настанот ќе се обратат авторот и илустраторот на сликовницата, виртуелно ќе се доделат плакетите, признанијата и благодарниците, а за дискусија ќе се јават и другите учесници во проектот, автори на видео записите и презентациите како дел од активностите на проектот.
За настанот се поканети автори на публикации во издание на ЕДУКА МАК, илустратор, промотори, наградени автори на конкурсот за најдобра книга за деца, соработници од ИК „ИСКУСТВА“ од Софија, претставници од КИЦ на РСМ, Софија, Република Бугарија.
Преку „Деновите на македонската литература за деца 2020“ се афирмира домашното литературно творештво и придонесува за збогатувањето на културната размена меѓу Северна Македонија и Бугарија. За таа цел на завршниот настан ќе бидат вклучени и претставници од ИК „ Искуства“ од Софија со кои минатата 2019 година беше потпишан меморандум за меѓусебна соработка, кои ќе говорат за резултатите од соработката помеѓу двете издавачки куќи и кратко ќе биде претставен клипот од преведените наслови на македонски и бугарски јазик.
Со видео записи онлајн во текот на истиот ден ќе биде претставена литературата за деца и дел од изданијата отпечатени во последнава година. До сите учесници дополнително ќе им бидат испратени материјалите создадени за овој проект.
Проектот е инициран од издавачката куќа ЕДУКА МАК од Скопје и е поддржан од македонското Министерство за култура.
Видео записите од проектот можете да ги проследите на Youtube каналот на ЕДУКА МАК - https://www.youtube.com/channel/UCrqPnG3Ttueo8AZiRl5clQg?fbclid=IwAR3OPktnq-lEeLbbcgmLpqbmzcMLWRvxCyzOWkDDqgqEMD1k_rFw1JuXiqg