Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија и Друштво за издавачка дејност Макавеј – Скопје, на 25 септември во 18:00 часот, во просториите на КИЦ се одржа книжевна вечер на современиот македонски писател Христо Крстевски. За богатото уметничко дело на Крстевски говореше македонскиот писател и литературен критичар Бранко Цветковски.
Христо Крстевски е роден во 1941 год., во младоста се стекнал со музичко образование, а книжевното образование го оформил на Филозофскиот факултет во Скопје.
Негови објавени дела се: "Жестина" (1982)- роман, "Раскази од равен" (1985), "Тереза хум" (1988)- роман, "Циганско лето" (1986)- роман, "Лавиринти" (1987)- есеи, "Нови ветришта над Равен" (1990)- раскази, "Кралица на грозоберот" (1992)- роман, "Карневалите во Македонија"- студија, "Скротителот" (1994)- раскази, "Виртуоз" (1994)- роман, "Звучна игра" (1996)- роман, "Гнила кобила" (2000)- роман, "Времеубиец" (2001)- раскази, "Равенски етиди" (2008)- раскази.