На 3 и 4 Април, во организација на Асоцијацијата за уметност "Поетики", Колекцијата за поезија, фикција и есеј на Меѓународниот ПЕН "Разноликост" и Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, беше реализирана дводневна македонска книжевна презентација со неколку содржини. Најнапред, на 3 Април во 16,30 часот се одржа тркалезна маса со македонски и бугарски автори од литературата, на која се разговарање за правците и тенденциите во двете литератури, во новиот век. Веднаш потоа, во 18,30 часот, исто така во просториите на нашиот Центар во Софија, академците Катица Ќулавкова и Влада Урошевиќ како и проф. Наташа Аврамовска ја претставија новата свездена македонска книжева генерација, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Калина Малеска, Румена Бужаровска, Фросина Стојковска, Ненад Јолдески и Ѓоко Здравески. Книжевната вечер беше насловена "Почетокот на векот: новата македонска книжевност" и ја отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров а текстови од авторите на бугарски јазик интерпретираше нашиот актер Иван Калошев.
На 4 Април, македонската книжевна делегација оствари неколку работни средби и посети на видни личности од литературниот живот на Бугарија, како и посета на Универзитетската библиотека на Софискиот Универзитет и Бугарската Академија на науките. Проектот е финансиски помогнат од Министерството за култура на Р.Македонија.