На 19 ноември 2024 во Полски институт во Софија се одржа отворањето на „Европска поезија во вагоните и станиците на Софиското метро“. Присутните, во улога на домаќин, ги поздрави директорката на Полски институт во Софија г-ѓа Ивона Јакушко-Дудка, по што следеше обраќање на г-ѓа Јана Генова, заменик градоначалник на Град Софија, а потоа следеше поезијата од 20 европски држави, интерпретирана од страна на директорите на странските културни центри и претставници на амбасади во Софија.
Проф. д-р Зоран Пејковски, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се обрати кон присутните дипломати и посетители и ја прочита на македонски јазик песната „Некој тропа на вратата“ од Никола Маџиров.
Голем број граѓани на Софија, во вагоните и станиците на Софиското метро, ќе имаат можност да ги прочитаат песните на оригиналниот јазик, како и во превод на бугарски јазик во периодот од 19-ти ноември до 23-ти декември.
На деветтото издание на „Европска поезија во вагоните и станиците на Софиското метро“ Македонскиот културно-информативен центар во Софија се вклучи за прв пат како еден од организаторите на манифестацијата.