По големиот успех на фото-изложбата „Таму“ во Софија, во месец Септември, светски познатиот филмски режисер Милчо Манчевски од 15 до 31 Октомври 2021 година со оваа изложба е претставен во Бургас. Културно-информативниот центар на РСМ во Софија и Општина Бургас, во Центарот за современа уметност и библиотека, заеднички ја претставуваат оваа врвна културна и уметничка изложба со 88 фотографии во боја на г-дин Манчевски пред бројна публика!
На вернисажот одржан на 15-ти Октомври голем број интелектуалци, писатели, колеги од ликовната уметност, новинари и сите присутни ги поздравија директорката на бургаските галерии и музеи г-ѓа Људмила Кутиева, а во името на КИЦ на РСМ, директорот, д-р Сашко Насев.
Претходниот ден на претседателката на Сојузот на писателите на Бургас, Роза Баева, д-р Насев и ја подари книгата „Таму“ за нивната „Дом на писателот“, како и на регионалната библиотека на Бургас, на познатиот бугарски писател Алек Попов и поетесата Наталија Недјалкова.
Сите со големи комплименти кон изданието на „Таму“ од М. Манчевски, посакаа продлабочување на соработката!
Попов фотографиите на Манчевски ги нарече „генијални исто како сликите на големите сликари“, а поетесата Недјалкова, за време на петочниот вернисаж, зборуваше за сопствената фасцинација од филмовите на светски познатиот режисер!
Во исклучително позитивна атмосфера, со особен пиетет кон „Таму“, културните творци и десетиците посетители ќе можат да ја посетуваат изложбата до 31-ви Октомври 2021 година.