Пред преполна сала на книжарата Хеликон, пред бројни претставници од културниот и литературен живот на Софија и редица почитувачи на неговиот литературен опус, кои во редици чекаа за потпис од авторот на стихозбирката "Митологија на сонот", заврши промоцијата на второто дело издадено на бугарски јазик, на академик Влада Урошевиќ.
Творечкиот опус на академик Урошевиќ пред публиката во Софија го претставија, лауреатот на Струшките вечери на поезијата Љубомир Левчев, литературниот критичар Јордан Ефтимов, преведувачот на стихозбирката Роман Кисјов и директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Васко Шутаров.
Македонскиот писател, само неколку дена пред своето претставување во Софија, гостуваше на меѓународниот поетски фестивал "Славјанска прегратка" во Варна, каде стана добитник на главната награда "Златно летечко перо", за својот севкупен литературен опус.