Македонскиот режисер, овенчан со 50-тина меѓународни награди и со неспорна светска слава, гостува во Софија од 16 до 19 јануари.
Милчо Манчевски, во рамките на своето гостување, ја претставува својата фотографска композиција "Пет капки сон" во Националната уметничка галерија "Арсенал Софија".
Покрај ретроспективата на своите филмови, во софискиот Дом на киното, Милчо Манчевски имаше специјална средба – отворен час, со бројните почитувачи на неговиот филмски опус.
Фотографиите живеат само кога се заедно и кога формираат композиција. Како ноти во песна!
"Милчо Манчевски"
Изложбата од фотографии, насловена како "Пет капки сон", ја освои публиката во Софија.
Серијата фотографии, изложени во Националната галерија "Арсенал Софија", чинат единствена композиција, секоја составена од пет поединечни слики.
И на отворањето на изложбата и деновиве потоа, изложбата предизвикува огромен интерес кај публиката и културната јавност во Бугарија.
Милчо Манчевски во Софија изминативе денови, како што доликува на филмска звезда од негов ранг, има свои звездени часови и незаборавни дружења со бројните почитувачи на неговиот авторски опус.
Најнапред, пред преполните сали во софискиот "Дом на киното", низ ретроспективата од неговите филмови, а посебно пред преполната сала и двочасовното предавање и дружење со студентите на Националната Академија за театарска и филмска уметност "Крсто Сарафов".
Изложбата "Пет капки сон", останува во Софија до средината на следниот месец, а потоа можност да ја видат ќе имаат и почитувачите на Манчевски, низ бројни културни метрополи во
Европа и САД.