Групната изложба на дела од 21 автори беше отворена во Балабановата куќа во Пловдив на 7 мај 2019 година. Посетителите ќе имаат можност да ги видат изложените дела до 26 мај 2019 година.
Неколкугодишниот проект „Поврзување“ на КИЦ на РСМ во Софија, оваа 2019 година, се прошири и збогати со групна тематска изложба, за чија подготовка и остварување помогнаа кураторите од Северна Македонија и Бугарија – Горанчо Георгиевски и Свилен Стефанов. По неколкугодишното заедничко делување и дружење, авторите Марјан Ѕин, Зоран Мише, Павел Целкоски, Горан Тричковски, Маријана Иванова, Перица Георгиев и Иво Пецов, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Бугарија, изразија желба за проширување на проектот, во кој се вклучија еминентни ликовни автори од Северна Македонија (Ацо Станкоски, Роберт Јанкулоски, Атанас Ботев, Ибрахим Беди, Исмет Рамиќевиќ, Шќипе Мехмети и Колектив Зеро) и Бугарија (Десислава Христова, Генади Гатев, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Росен Тошев, Свилен Стефанов и арт дуетот ninavale - Нина Ковачева и Валентин Стефанов). Идејата, за поврзување на творештвата на авторите од двете земји, наиде на поддршка од страна на Министерството за култура на РСМ. Реализацијата на изложбата во Пловдив е во партнерството со институтот Стар Пловдив во Пловдив.