На 17 Октомври, пред преполн салон на КИЦ на Р.Македонија во Софија, во присуство на претставници од дипломатскиот кор, бројни припадници на верски заедници, бројни почитувачи на делото на блажена Мајка Тереза, беше отворена изложбата со наслов "Мајка Тереза-икона на милосрдието". Низ 80 фотографии од кои 40 дело на хрватскиот фоторепортер Звонимир Атлетиќ и 40 автентични фотографии од животот на младата Гонџа Агнес Бојаџиу во Скопје, како и со прикажување на документарни филмови посветени на големата хуманистка, публиката во Софија беше во можност да се запознае со дел од животниот пат на една од најзнаменитите жени на 20 век, добитничка на Нобеловата награда за мир во 1979 год. како и преку 700 најзначајни светски награди и признанија. Изложбата беше збогатена и со презентација на Спомен Куќата "Мајка Тереза" во Скопје, низ која во изминативе 5 години од отворањето поминале илјадници посетители од сите светски меридијани.
За делото на Мајка Тереза и фотографската изложба посветена на неа зборуваа Васко Шутаров, рената КутераЗдравковска и Цветанка Вучковска а проектот е целосно поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.