Пред голем број љубители на ликовната уметност, на 25 Февруари во КИЦ на Р. Македонија беше отворена изложбата со наслов "Невидливиот медиум на чудесното" на познатата македонска уметница Вана Урошевиќ. Нашата уметница за оваа прилика се претстави со 54 дела работени со вез на рачно обоена свила и во најголем дел неизложувани досега. Изложбата се реализираше во соработка со Музеј на современа уметност и со поддршка на нашето Министерство за култура. Изложбата ја отворија Васко Шутаров и Елиза Шулевска а посетителите во Софија можеа да ја видат до 19 март.
Вана Урошевиќ има завршено Академија за ликовни уметности во Белград (1984), магистрирано исто така во Белград (1987) остварено студиски престој во Париз (1987) и специјализирано во Венеција (1989). Беше македонски претставник на 50 Биенале во Венеција, има остварено бројни самостојни и групни изложби и е добитник на значајни домашни и меѓународни ликовни награди.