На 7 Април во 18:30 часот, во галеријата на Културно-информативниот Центар на Р.Македонија во Софија, беше отворена изложбата на академскиот уметник-графичар, Ридван Алити. Тој се претстави со 20 дела, од неговите последни уметнички творечки циклуси, насловени "Виолини" и "Портрети". Алити има завршено Факултет за уметност- специјалност графика на Државниот Универзитет во Тетово а магистрирал на Универзитетот Св.Кирил и Методи, во класата на проф. Трајче Блажевски. Има учествувано на бројни групни изложби, меѓу кои и во Париз, Берлин, Брисел и Сараево и има остварено неколку самостојни изложби во нашата земја и во Австрија и Албанија. Добитник е на неколку награди за творештво во Албанија и Холандија а меѓу најзначајните негови награди е првата награда на "Шестото меѓународно биенале за мала графика"-Тетово, 2014 година.
Изложбата на графики на Ридван Алити во Софија ја отвори директорот на Центарот м-р ВаскоШутаров а проектот е поддржан од нашето Министерство за култура.