КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложба на скулптури од Слободан Милошески во КИЦ на РСМ во Софија

КИЦ на РСМ во Софија, ул. „Обориште“ 7
20 Aug 2021 - 18:30

На 20 август 2021 од 18:30 часот во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија ќе биде отворена изложбата „Проткаени сеќавања“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од дела во мал формат, создадени со примена на различни техники и материјали. Изложбата ќе може да се види до 30 август.

...

Изложба „Проткаени сеќавања“

Современата  скулптура не познава граници. Нема материјал или технологија, од основни суровини до видео што скулптурата нема да ја собере и искористи за свои цели, и нема формални параметри како во случајот со сликањето, рамнината да ја ограничи. Секако, во моментов не постои некаков стил што поставува визуелни или концептуални ограничувања. Единственото нешто што скулптурата не може да го толерира, барем во теорија, е ограничувањето на две димензии. Ова ја прави скулптурата зона на огромна креативна слобода.

 Во еден таков контекст на слобода и поле на креативност македонскиот скулптор Слободан Милошески се решава за овој серијал на скулптури да го истакне значењето на скулптурите од мал формат. Според него евидентно е дека малиот формат е многу посебна мерка и критериум во достигнувањето на креативните можности на еден автор. Под тоа се подразбира преносливост, блискост со човечкото тело, рачната изработка и опипливоста на вистинска големина со одредена сличност на моделот. Историски малиот формат ние го препознаваме преку талисмани, тотеми, фетиши, играчки или атрибути - и овие мали формати на скулптурите многу често се користеле и се користат близу до луѓето или се поставуваат во одредена животната средина. Резултатот на кажаните релации е блискост помеѓу објектот и сопственикот или набљудувачот, што е невообичаено за уметничките дела денес, и има директен ефект врз нивното значење. Овој концепт се базира на различноста и взаемно инспиративната историја на предметите од слободната уметност, култот и утилитарните намени. И покрај глобализираниот свет, културните и естетските разлики постојат во различни културни кругови. Погледот наназад кон уметничката продукција од претходните времиња ја покажува потребата да се протолкува околниот свет или да се спротивстави со контра-дизајни слични на моделите, и сето тоа претставува  антрополошка константа на уметничко дело. Уметноста се одвива во конфронтација со природата, со околината, како и со човечкото тело, било во форма на прекршување на природните граници или како обид за помирување со природата.

Слободан Милошески критичарите на уметноста го сметаат како еден од најдобрите македонски скулптори од групата уметници  кои како концепт ја развиваат проблематиката во доменот на конструираната скулптура, дури и во доменот на скулптурата од мал формат. Во неговите работа тој користи едноставни геометриски форми и индустриско-импровизирани материјали за создавање дела од различити размери. Неговите скулптури даваат импресија на строгост и рационалност која се потпира на однапред спремни постулати и логично артикулирани замисли. 

Се добива впечаток дека Милошески ја брани идејата дека уметноста е чисто објективна и владеат закони кои ја третираат уметноста не како чин на имагинација, туку чин на набљудување, перцепција и манипулација со формата. Во контекст на оваа филозофија неговото разбирање на скулптурата е чисто субјективно, но управувано со закони кои владеат во релацијата маса-простор. Аксиомите кои се нагласени во неговата уметничка постава акцентираат идеја дека скулптурата е “покажување на точност“ и “игра на закони во простор“. Од овие премиси се развива неговата лична теорија за геометрија базирана на рационална естетика во рамките на “интуитивна уметност“ која побарува апсолутна математичка ригорозност каде што ништо не треба да се додава, ниту да се отстрани.

Иако Милошески користи геометриски цврсти форми во скулптурата, крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате  неговите скулптури од неколку агли тие не одаваат впечаток на совршена поставеност. Покрај нив се добива чувство на вибративно движење и тактилност која доаѓа од  нагласените прави линии и мрежи, во повеќето негови дела. Ваквата “конструкција“ на овие скулптури им дава  човечки аспект и духовна страна. Очигледно дека уметникот ја реализирал неговата основна замисла делото да биде “спроводник за духовни работи“ .

Слободан Милошески  работи  методички низ концентрирана перцепција и манипулација со формата. Најпрво започнува со форми кои се произволни и низ процес на трансцендентална имагинација је дефинира формата како крајна дестинација. Бојата е секундарна, се користи за истакнување на структурата на формата. Завршниот впечаток се комплетира со диригиран веризам, необична текстура, профилиран материјал и неочекувана трансформација на идеалната форма.

На крајот да споменеме дека од препознатливите техники за изведбата на скулптури, иако  се има докажано и во доменот на моделирање и резбарење, скулпторот преферира техники на составување и конструирање.  Конструираната скулптура во различни форми очигледно е главен тек во неговата уметност, вклучително и  скулптурите во движење. Вешто користи широк спектар на техники вклучително виткање, шиење, заварување, зацврстување, врзување, ткаење и балансирање во изградбата на скулптури. Како завршен сублимат на сето наведено неговата скулптура се развива континуирано, добива компактни особини, поседува  геометриска и конструктивна јасност како естетски спој на експресивната субјективност на визијата и одредено ниво на авторовиот рационализам.

Историчар на уметноста

Проф. Д-р Џемил Бектовиќ

 

Слободан Милошески е роден на 02.05.1977 во Охрид, Р. Северна Македонија. Во 2001 год. дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје. Во 2009 год, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек вајарствo, додека во 2011 год. магистрира на истиот факултет, на област вајарство. Во 2018 год. докторира на Националната уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на катедра „скулптура“. Работи како професор од областа на “Вајање и вајарски техники” на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Член е на Друштво на ликовни уметници на Македонија од 2009 год.

 

 

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31