Од 16 до 30 декември 2020 г. ви ја претставуваме онлајн изложбата „Порака“ на ликовниот уметник Роберт Цветковски. Заради пандемијата од КОВИД-19 делата (вкупно 29 платна) не беше возможно да бидат поставени во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија, но затоа љубителите на ликовната уметност ќе можат да ги разгледаат виртуелно: https://robertcvetkovski.wixsite.com/robertcvetkovski/online-exhibition-2020
„Творечкиот опус на авторот Цветковски опфаќа сликарски дела изработени во различни ликовни техники,со комбинација со природни материјали, создавајќи илузија и чуство на трета димензија, и формирање на релjефни енформелски слики, а како контраст на тоа оставајки ја чистата површина на платното, што самото ликовно дело добива една посебна динамика.
Со својата естетика и умешност, низ крајно трансформирана линија и колоритност, отвора еден нов хоризонт, во кои степенот на апстракција води кон патување, определено од сопствениот начин на доживување на природата. Ваквиот начин на креирање на една безвременска приказна од уметник со специфичен уметнички стил, издигнат на ниво на светски ранг, во различен период придвижува низ експресионистички или импресионистички начин на изразување, притоа задржувајки една хармонија во творештвото, пренесена низ трансформација на природата,според временските и уметничките потреби за идеализација.
Животната надградба доведува до една преобразба, каде низ играта со боите, сложеноста и едноставноста се испреплетуваат, а субјективниот начин на доживување на секојдневието станува прозорец кон природната убавина.
Авторот Роберт Цветковски поаѓа од природата за постепено со гестуални движења, со елементарни ликовни елементи, да не внесе во суштината на композицијата. Тој е вистински колорист, но пред се сликар на акцијата, бојата и формата. Интензитетот на бојата Цветковски го смирува со повремено поставување на контури, оставајки чиста површина. Авторот ги организира своите асоцијации, внатрешни вибрации, ослободувајќи ја онаа енергија, која што создава сопствена калиграфија, и ја исликува сопствената ликовна приказна.
Авторот не го слика автентичниот или конкретниот лик на своето поднебје, туку себе си и своите дилеми во однос кон пределот, своите доживувања и визуелни сензации. Делата на Роберт Цветковски стануваат свет во кој ликовните решенија добиваат душа, вдахната од духовната состојба на уметникот. Да се патува низ делата, да се почуствува нивната приказна „мракот да стане светлина, а недостатокот да го прекрие колоритот, значи да се допре до вистинскиот израз на опкружувањето, а притоа да се согледа неговата вечна убавина, неговата трајност и постојаност, независни и силни, вечни и безвремени.“ (Александар Филев, уметник)
Роберт Цветковски е роден во Куманово 1965 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна умeтност во Скопје 1989 година во класата на Ана Темкова. Работи во гимназијата во Крива Паланка како ликовен педагог.