КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложба „Реминисценции“ на Марјан Ѕингаров во КИЦ на РСМ во Софија

КИЦ на РСМ во Софија, ул. „Обориште“ 7
7 Mar 2023 - 18:00

На 7 март (вторник) 2023 во КИЦ на РСМ во Софија, со почеток од 18:00 часот, ќе се одржи отворањето на ликовната изложба „Реминисценции“, составена од сликарски дела на Марјан Ѕингаров, повеќегодишен соработник и пријател на КИЦ на РСМ во Софија. На изложбата авторот го претставува својот последен циклус од сликарски дела. Сликите се изработени на платно со комбинирана техника и употреба акрилни бои.

Марјан Ѕингаров е роден 1976 г. во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 г. на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија.

Има реализирано девет самостојни изложби во Северна Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни изложби во Северна Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија.

Носител на Годишната награда на Општина Струмица, св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици за 2022, за особен придонес во областа на културата и уметноста.

Носител е на Втората награда на Четврти меѓународен конкурс за апстрактна уметност "21 х 21" 2022 на Галерија [A] CUBE во Софија.

...

Делата на Марјан Ѕингаров следат една постојана траекторија на забрзување и компресирање на апстрактната сликовност со емоција и возбуда. Од знаковните студии со трње (од истоимениот циклус во 2015 година) преку геометриските бездни од 2018 г. до припитомените стравови и сенки во сегашната серија „Реминисценции“, Ѕин систематски е во потрага на кој начин да претстави повеќе со помалку. Без да западне во излишно сликање, тој работи со прецизна композиција во сѐ поапстрактни платна, исполнети со својствен однос кон пластичноста. Тие остануваат декоративни во својот карактер, без претензии за живописност, но тој плакатен квалитет е совладаниот јазик на музичката хармонија на овој циклус, неговата едноставност, синтетизирана од одбрани изразни средства. Оваа тивка лиричност им придава посебен дух на делата, кои не случајно потсетуваат на архаични траги. Траги, пронајдени под урнатините на една визуелна цивилизација којашто ја губи мистичната моќ на сликата. Она што останало како сугестија од овие слики, е магливото сеќавање за нив и нивните осамени, избледени сенки.

Јово Панчев, февруари 2023 г.

...

Нечие присуство секогаш поттикнува чувства и емоции, но нечие отсуство како да остава длабок белег врз нашите души. Присуството нечие/некакво се доживува во самиот миг. Отсуството, пак, самото по себе ги буди сеќавањата, пријатни или не, од длабоките предели на свеста и потсвеста.

Ликовните дела од двата циклуси на ликовниот уметник Марјан Ѕингаров, насловени како Отсуство и Реминисценции се надоврзуваат на погоре кажаното. Со јунговски пристап, на својот ликовен јазик, Ѕингаров слика на границата помеѓу апстрактното и фигуративното, со доза на симболичност и семиотичност, како што и всушност знаат да бидат сеќавањата -  замаглени и таинствени, повремено доведени до ниво на знак и симбол. Тој тоа го прави на еден лиричен начин, исполнет со асоцијативност и имагинативност, но пред сѐ, со автореференцијалност. На тој начин, тој остава самиот гледач да ја употреби својата имагинација и да допре длабоко до својата душа и својата потсвест, со голема можност за поистоветување со ликовните мотиви.

Во овие дела, Марјан Ѕингаров не посветува големо внимание на колоритот. Тој користи скромна палета на бои, но слоевито нанесена со силни потези, доволни да ги доловат неговите импулсивност и експресивност, низ еден подлабок психолошко-философски дискурс. Таквата експресионистичка апстракција кон која тежнее Ѕингаров, нуди повеќе од обична декоративност и колоритност – неговите најнови дела не се само вообичаени апстрактни мотиви, туку во себе носат подлабока метафизичка порака. Тие траги или нечии сенки кои ги гледаме во неговите дела, не се обични. Тие во себе носат подлабока приказна која треба да се разоткрие. 

Тематиката која ја поседуваат двата циклуси, можеби и сè уште не се завршени, иако на нив Марјан Ѕингаров работи последователно неколку години. А можеби и никогаш нема да се завршат. Во материјалниот свет, секогаш со секој изминат ден, секогаш ќе постои некое ново нечие/некакво отсуство, кое одново и одново ќе ги буди внатрешните уметнички пориви.

Марјан Минов, историчар на уметноста

Скопје, 2023

 

 

 

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
 
 
 
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31