КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложбата „Метакосмија“ од авторите Ангелина Спировска и Владо Муковски во КИЦ на РСМ – Софија

КИЦ на РСМ во Софија, ул. „Обориште“ 7
25 Мај 2021 - 17:00
Изложбата „Метакосмија“ од авторите Ангелина Спировска и Владо Муковски во КИЦ на РСМ – Софија  (банер)

На 25 мај 2021, од 17:00 часот, во КИЦ на РСМ во Софија ќе биде отворена изложбата „Метакосмија“, составена од сликарски дела на ликовните уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата се состои од дваесетина слики, создадени во комбинирана техника, со примена на акрил и смола.

Отворањето на изложбата ќе трае до 20:00 и ќе биде со контролиран достап, со цел почитување на мерките за справување со пандемијата од Ковид-19.

За љубителите на ликовната уметност во Софија оваа изложба ќе остане отворена до 25 јуни 2021 г.

„Времето во кое живееме, ни донесе појави што предизвикаа засега несогледливи последици врз општеството, го заплашија човекот, го збунија, го замислија и го исправија пред бројни прашања и предизвици. Пандемијата ја потврди нашата ефемерна состојба, но и нѐ научи да го живееме моментот, меѓу другото, подвлекувајќи ја важноста на уметноста и културата, како позитивно зајакнување во животот и еден вид имунизација против тешкотиите што ги донесе новото секојдневие.

Многу работи се променија во текот на последната година, се промени и нашата перцепција за светот, на што не останаа имуни ни уметниците. Уметноста повторно се покажа и се докажа како оригинално изразно средство, со кое уметниците покажуваат што гледаат и, што е уште поважно, што чувствуваат. Ваквите (не)прилики нѐ предизвикаа и нас како автори сликари, да тргнеме во потрага по друга, за нас подобра стварност, со можност да пронајдеме други светови, па дури и да се изгубиме во нивните меѓупростори, и така барем да се обидеме да допреме до таа недопирлива, таканаречена Метакосмија. Тој судир помеѓу моментната опресивна реалност и вечно незапирливата имагинација, судирот помеѓу надворешниот клаустрофобичен свет (затворените граници, простори, домови...) и транспарентноста (отвореноста) на внатрешниот порив и инспирација, како и судирот на (не)можностите и желбите (копнежите), се преточија во едно патување, кое во целиот свој тек се одвива на границата, односно во судирот или спојот помеѓу едното и другото, и така, со текот на времето тоа патување се претвори во „метакосмичко“. На тој пат на контрасти, спротивности, се создадоа слики кои прикажуваат засебни етерични светови во кои нештата течат полека, но непрекинато, едни во други, и така, трансформирајќи се, образуваат единство на апстрактни форми, кои се дел од нашата заедничка Метакосмија.

Всушност, да се достигне Метакосмијата се смета дека е невозможно за кој било космички ентитет или суштество. Метакосмијата е точката во која завршува која било вселена и каде што започнува универзумот во неа. Ние, како автори, уверени сме дека преку уметноста и преку овие уметнички слики успеваме да допреме до неа. Целта на овие слики не е да се создаде убавина; убавината е искуство што не може да се наметне на некој друг, но, нашата намера е да ја пронајдеме убавината која е тука, некаде, во нас, или околу нас, и истата да ја реинтерпретираме преку творечкиот процес низ нашата работа.“

Ангелина Спировска е академски сликар и конзерватор на ѕидно сликарство. Родена е на 11.03.1992 во Скопје. Додипломските студии од областа на сликарството ги завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2014 година. Во 2012 година дел од студиите ги завршува на Институтот за уметност Siena Art Institute како стипендист на американската фондација Пол Гети. Во 2015 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Жанета Вангели. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои наградата „Борко Лазески”. Член е на ДЛУМ од 2015 година. Има учествувано во повеќе групни изложби во Македонија и во странство. Има реализирано две самостојни изложби, од кои во 2015 во Музејот на Град Скопје, самостојна изложба насловена „Криптолити“ и во 2017 во Ситето ви Париз, изложба насловена „Лего чекори“. Во моментов работи во НУ Конзерваторски центар – Скопје како конзерватор за ѕидно сликарство, и како асистент на Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ. Со делата од проектот Метакосмија, проект во соработка со Владо Муковски, двајцата уметници ќе се претстават во Културно-информативниот центар во Софија, Р. Бугарија, како и во повеќе музеи и галерии низ Македонија.

Владо Муковски е дипломиран ликовен уметник на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Дипломира на сликарскиот отсек во класата на професор Родољуб Анастасов, каде што и магистрира. Добитник е на наградата „Борко Лазески“. Добитник е на стипендија за усовршување на италијанскиот јазик и култура во Р. Италија што ја доделува италијанската влада. Специјализира во Институтот Палацо Спинели во Фиренца во областа на конзервацијата и реставрацијата на ѕидното сликарство и неговата методологија. Работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје како советник конзерватор за ѕидно сликарство и раководител на сектор за непосредна заштита. Предава конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има реализирано повеќе самостојни изложби и учествувал во бројни групни изложби во земјава и странство.

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31