КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, во склоп на манифестацијата Европска Ноќ на Литературата, на 12 мај 2021 ја претстави книгата „Преобразби“ од Владимир Мартиновски. Настанот се одржа во дворот на Музеј-куќата на Пејо Јаворов на ул. „Г.С. Раковски“ во центарот на Софија.
Публиката беше поздравена со добредојде од директорот на бугарскиот Национален Литературен Музеј Атанас Капралов, а потоа се претстави и авторот Владимир Мартиновски. Стиховите преведени на бугарски јазик од Роман Кисјов ги интерпретираа Ѓорги Георгиев – Антика и Игор Дамјанов, кои направија одличен спој меѓу поезијата и музиката.
Од 18.00 до 21.30 многубројна публика имаше можност да се запознае со делото на Мартиновски, со неговата книга поезија, во која се поместени и цртежи од преведувачот, поетот и ликовниот уметник Роман Кисјов. Публиката на секои 30 минути се менуваше и циркулираше меѓу останатите читателски места на странските културни центри и амбасади во Софија.
Истата вечер, оваа културна манифестација се одржа во други градови во Бугарија. Поезијата на Владимир Мартиновски беше читана во Монтана, Шумен, Варна и Русе.