На 17 ноември 2023 со почеток од 18:30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе се одржи концертот на Дувачкото трио, составено од македонските музичари Владимир Лазаревски (обоа), Марина Николовска (обоа) и Маја Чанаќевиќ (англиски рог).
Дувачкото трио, составено од две обои и англиски рог, е камерен состав чии членови потекнуваат од оркестарот на Македонската Филхармонија во Скопје. Интересен е составот на ова трио бидејќи се работи за инструменти од ист род, кои во континуитет настапуваат како хомогена група во рамките на симфониската музика. Членовите на ова трио соработуваат долги години и досега реализирале бројни концерти токму во ваков состав.
Владимир, Марина и Маја, се инструменталисти кои го негуваат камерното музицирање и настапуваат и како солисти во различни други ансамбли.
Програмата на концертот е поделена во два дела, музички но и стилски. Во првиот дел од концертот се потенцира на негувањето на класичниот звук на камерното музицирање, додека во вториот дел, преку различните танци, публиката ќе има можност да прошета низ различни делови од светот.
Марина Николовска е родена во 1984 година во Кавадарци, каде го завршува нижото музичко образование на отсекот флејта во класата на професор Силвана Чулева – Атанасова. Средното музичко училиште го завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје на отсекот обоа во класата на професор Гордана Јосифова – Неделковска. Во 2007 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во класата на истиот професор со највисока оцена Cum Laude. Магистрира кај истиот професор во 2011 година.
Од 2005 година Марина Николовска е член на симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, со кој што има остварно огромен број на концерти со врвни уметнички имиња. Воедно е член и на No Borders Orchestra, составен од реномирани музичари од поранешните југословенски простори. Настапувала и со Балканскиот камерен оркестар. Од 2013 година е член на Балканскиот секстет ProArte, составен од музичари од Македонија, Албанија и Косово, со кој оствариле концерти во Македонија и странство.
Марина Николовска учествувала на повеќе натпревари и е добитник на повеќе награди.
Настапувала како солист со Македонската филхармонија во 2002, 2005, 2006, 2007 и 2010 година. Во 2011 година настапила како солист со оркестарот на Факултетот за музичка уметност.
Маја Чанаќевиќ оформува музичкото образование во Скопје, каде дипломира во класата на проф. Гордана Јосифова Неделковска. Веднаш по дипломирањето ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, а магистрирала и во обласата на музичката уметност во класата на проф. д-р Владимир Лазаревски.
Добитник е на бројни награди на државните музички натпревари, како и и наградата за најдобар студент на факултетот за музичка уметност.
Настапувала како солист или пак како член на камерни оркестри на сите фестивали во Р. Македонија, но и надвор од неа во Холандија, Босна и Херцеговина, Грција, Турција, Украина, Унгарија, Бугарија, Србија, САД итн...има остварно и повеќе аудио и видео снимки. Постојан член е на камерното студио Бахус, камерниот ансамбл Консонанс, обоист во Macedonian Music Entertainment оркестарот.
Во областа на културниот менџмент има огромно искуство и во организирање на различни концерти, семинари, раководење на ансамбли и оркестри. Во периодот од 2007 до 2017 година беше директор на Македонската филхармонија.
За нејзината успешна работа како лидер но и како уметник, одликувана е и со највисоки меѓународни и национални признанија: Медал за посебни заслуги во областа на културата и уметноста, доделен од државата Полска (медал кој ретко се доделува на странци), Медал за посебни заслуги за придонес кон македонската култура, доделен од Бигорскиот Манастир и Медал ,,Витез од редот на уметноста и книжевноста,, доделен од француското министерство за култура.
Маја повеќе од 20 год. музицира на позицијата англиски рог и обоа во Македонска филхармонија и активно ја промовира камерната музика и музиката пишувана за англискиот рог, кој сеуште се смета за редок инструмент.
Владимир Лазаревски студира инструмент обоа на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров” во Софија, кај проф. Георги Желјазов, каде што дипломира и магистрира во 2003 година. Една година подоцна Владимир добива целосна стипендија од музичката академија „Лонџи” во Бостон, САД, каде заминува да се усовршува како обоист и камерен музичар. Таму учи во класата кај проф. Вејн Рејпиер и проф. Марк МекЕван, врвни обоисти на оркестарот на Бостонската филхармонија, каде ги заокружува своите постдипломоски студии во 2006 година. Во периодот (2007- 2009) година успешно ги заврши студиите по програма на Универзитетот „Курт Бош“ од Сион, Швајцарија и се здобива со звањето МБА - Магистер по бизнис администрација, а во февруари 2013 година, успешно ја брани својата докторска дисертација на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија и се здоби со титула ДОКТОР на музички науки и музичка уметност од областа камерна музика и обоа.
Како член на квартетот „мјузик прогресив“, Лазаревски е добитник на наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во 2012 година. Исто така е лауреат на меѓународниот музички натпревар Алегро Виво во Австрија 2002 г. и добитник на 3-та награда на натпреварот „Земјата и Луѓето”, Бугарија 2001. Освојува и први награди на државните натпревари во Македонија во 1996 и 1997 година. Својот музички профил го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класови кај еминенти обоисти како Инго Горицки, Давид Валтер, Паул Гуди, Хелмут Мецера и др.
Владимир Лазаревски има бројни настапи на фестивали во земјава и странство како: Моцартеум и Алегро Виво во Австрија, Бостонски музички вечери во САД, фестивалот Дартингтон во Англија, Гдањско музичко лето во Полска, Блуз и Џез Рели фестивалот во Луксембург, Скопско Лето, ДММ, БИТфест, Балкан класикал мјузик фестивал, Штипско културно лето, фестивалот МОДОАРС, и др. Секако, на ова се приклучуваат и настапите како солист со оркестар: Македонската филхармонија (1998, 2012, 2015), со ансамблот „Арс Барока“ во Софија, Битола и Крива Паланка, (2003,2013,), со Академскиот симфониски оркестар во Бугарија (2012) и со оркестарот на West Coast symphony од Канада во Македонија и Канада (2012,2013,2016).
Како обоист и солист на англиски рог свири во составот на голем број ансамбли и тоа: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сараевската филхармонија, Симфониските оркестри во Пазарџик и Враца, Р. Бугарија, Нов симфоничен и Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Камерниот оркестар на Лонџи, САД, Колегиум-музикум Банкја од Бугарија , West Coast symphony од Канада, Оркестарот Warmińsko-Mazurskiej од Полска и др.
Актуелно, Владимир Лазаревски е вработен како прв обоист во НУ Македонска филхармонија и е ангажиран како Вонреден Професор на музичката академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од формкирањето па до денес. Исто така Владимир е член на камерниот ансамбал „Мјузик Прогресив“, ансамбалот за современа музика КОНТЕМПОРА и симфонискиот оркестар за филмска музика „FAMES“.