Во Културно-информативниот центар на РСМ во Софија на 10 октомври 2019 година, со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи концертот на Скопски дувачки квинтет. На програмата се дела од Моцарт, Фаркаш, Лјадов, Бизе, Д’Агостини и Смокварски, а ќе бидат изведени од музичарите Васил Атанасов (обоа), Марија Јакимовска (флејта), Ристо Ѓоревски (кларинет), Орце Ицковски (фагот) и Александар Гошев (хорна).
Скопскиот дувачки квинтет веке четири децении концертира, опстојува и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плеада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење изведува дела од светската ризница, како и дела од македонски автори, некои специјално напишани за овој ансамбл.
Остварил голем број настапи во земјава и пошироко, како и бројни тонски и ТВ записи. Заради своите успеси, овој камерен состав е многупати наградуван со врвни награди, како Ноемвриска награда на Град Скопје, Награда за успешност од Културно просветна заедница на Град Скопје, Октомвриска награда, највисоко државно признание итн.
Скопскиот дувачки квинтет гостува на познати манифестации и фестивали во земјата: Охридско лето, Денови на македонска музика, Скопско лето. Гостувања во странство има остварено во Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Полска, Србија, Црна Гора, Косово и др.
Од 2002 година Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на проф. м-р Васил Атанасов, со голем ентузијазам, исполнителска енергија и врвен уметнички професионализам.