На 23 Април 2019 година, во просториите на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, се одржа камерен концерт на триото „Џентлмен“ од Скопје. Концертот е дел од годишната програма на Министерството за култура, одобрена за КИЦ во Софија.
Триото го сочинуваат Јане Дунимаглоски на гитара и вокал и Кристијан Антовски и Дејан Стоев. Тоа се професионални оперски уметници кои веќе имаат настапувано на домашната и странските музички сцени. Сепак, ова беше наменски составен репертоар за нивниот софиски концерт.
Самиот настан во галеријата на КИЦ помина извонредно. Со бурни аплаузи и одушевување на публиката, нашите пејачи приредија вистинско освежување исполнувајќи редица шлагери од Кире Костов, Леб и сол, Џими Фонтана и обработени народни македонски песни. Со својот автентичен и сценичен настап тројцата млади исполнители веднаш добија покана за идни настапи во Бугарија.
На концертот присуствуваа гости од дипломатскиот кор, професионални музичари, уметници и пријатели на КИЦ на РСМ во Софија.
Настанот го отвори директорот на КИЦ , д-р Сашко Насев.