На 27 септември 2021 со почеток од 18:30 часот ќе се одржи Концерт за обоа, флејта и харфа. Во КИЦ на РСМ во Софија ќе настапат Владимир Лазаревски (обоа), Елена Дојчинова (флејта) и Љубица Секулиќ (харфа), со изведба на музички дела од Георг Филип Телеман и Јохан Јоаким Кванц.
Настанот ќе се одржи во услови на почитување на сите мерки за справување со Covid-19.
Владимир Лазаревски (1979) свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна заминува на 2-годишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи” под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар, Вејн Рејпиер и Марк МекЕван. По враќањето од САД ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ и во февруари 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.
Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар “Алегро Виво” во Австрија (2002 г.), како и на „Земјата и Луѓето” во Бугарија (2001 г.). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика.
Актуелно, Владимир е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на музичката академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик Прогресив“, на ансамбалот за современа музика КОНТЕМПОРА и симфонискиот оркестар за филмска музика „FAMES“.
Владимир Лазаревски свири на сопствена обоа „Лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои, Пол Лаубин.
Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија на Република Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко училиште кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломирала во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при УКИМ Скопје. Дојчинова, освен како дел од оркестарот на Филхармонија активно е присутна на македонската сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Филхармонија започнува во 2013 година, каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.
Љубица Секулиќ е родена во Белград 1982 година. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност инструмент харфа во 2006 година во класата на Проф. Љиљана Несторовска. За време на студиите, посетувала мајсторски класови кај харфистите Јана Босукова и Елизабета Фонтејн Бинош. Како долгогодишна соработка со виолиниската Сенка Новак, има одржано голем број на концерти во Србија, кои се снимени и архивирани од Радио телевизија Србија. Љубица активно настапува како соло харфиска. Неколкумина српски и странски композитори беа инспирирани од Љубица за да напишат композиции за харфа како соло инструмент или композиции за разни камерни состави како делата на Вера Миланкович, Драгана Јовановиќ, Светислав Божич и Реј Манаката.
Љубица во 2007 година дипломира и на инструментот виола на ФМУ Белград во класата на проф. Дејана Млаџеновица. По завршените студии во Белград, одлучува своето усовршување на инструментот виола да го продолжи на „Хогсколан“ музичката академија во Гетеборг, Шведска во класата на проф. Бјорн Сјогрена.
Добитник е на награди и стипендии од фондациите„Андерс Сандру Стифтесле“ во 2006 и 2009 година, „Кунглига Мусикалиска“ во 2008 и 2009 година и „Ротари Студент хаус“ 2007 година. Добитник е на многу државни и меѓународни награди од музичките натпревари по харфа, виола и камерна музика.
Од 2003 година, Љубица е член на Здружението на музички уметници на Србија.
Во моментов, Љубица живее во Стокхолм, каде што освен со концертна активност, се занимава и со педагогија.