Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија, во соработка со Младинскиот културен центар од Скопје и Министерството за култура на Р. Бугарија, на 30 октомври во 18:00 часот, во галерија Средец во Софија беше отворена изложба под наслов Венеција виа МКЦ. Изложбата ја отворија зам.министерот за култура на Р. Бугарија Димитар Дерелиев и директорот на МКЦ – Скопје, Борис Момироски.
Изложбата Венеција виа МКЦ претставува селекција на дел од актуелното творештво на македонски уметници што партиципираа во комплексната приказна за македонската сцена од осумдесеттите и деведесеттитете години на минатиот век и од првите осум од новиот милениум.
Опфатено е учеството на уметниците во периодот по осамостојувањето на Македонија како независен државен ентитет. Неоспорен е фактот дека повеќемина од нив, лансирани од МКЦ, кој имаше слух и ги антиципираше овие идни врвни носители на ликовната сцена во РМ и во странство, ја имаа честа да ја претставуваат Републиката во Венеција на Ликовното биенале и неговите придружни манифестации.