Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија и Музејот на град Кратово, на 8 декември во 18:00 часот, во просториите на КИЦ беше отворена историска изложба под наслов "Кратово низ вековите". Изложбата ја отворија раководителите на проектот, директорот на Архивот на Р. Македонија проф. д-р Зоран Тодоровски и м-р Мирјана Нинчовска.
Изложбата е резултат на повеќегодишен истражувачки проект на Музејот за кој што се користени материјали од архивите, библиотеките и музеите на Р. Македонија и Р. Бугарија. На изложбата е опфатен, низ фотографии и документи, најголем дел од богатото историско, духовно и културно минато на градот Кратово кој во својата многувековна историја како резултат на повеќе цивилизации и култури добивал различни имиња.
Во документите е презентирана богатата духовна и книжевна дејност во скрипториумите на Лесновскиот манастир, на Кратовската книжевна школа како една од најзначајните, житието на заштитникот на градот и маченик за христјанската вера Св.Ѓорѓи Кратовски. Опфатен е и периодот на организираната борба, востанија, против османлиското владеење, како и периодот на формирањето на револуционерен комитет на Македонската револуционерна организација.