Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија, во соработка со Националната галерија на Р. Македонија и Дирекцијата за култура на градот Софија, на 26 ноември 2009 година (четврток) во салата Надежда во Градската библиотека, во 18 часот беше одржана вечер посветена на македонскиот уметник Киро Урдин и неговиот документарен филм "Вода и оган".
Реномираниот македонски уметник Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица, Република Македонија. Во 1969 година дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Белград. Во периодот 1973-1974 студирал на Academie des Arts Plastiques во Париз, Франција, а во 1977 година се здобива со диплома по режија на Академијата за филм, од Париз, Франција. Од 1984 година работи како независен сликар во различни земји. Од 2005 година е член на Македонската академија на науките и уметностите. Во својата творечка кариера има реализирано над 40 самостојни изложби ширум светот и над 30 групни претставувања.
"Вода и оган" е филм од богатото творештво на Киро Урдин и се однесува на подигање на еколошката свест во светот. Филмот кој датира од 2008 година и е продуциран од Осмоза продукција, е добитник на повеќе награди на значајни фестивали во светот.