Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија и НУ-Центар за култура "Бели Мугри" - Кочани, на 1 јули во 18:00 часот во просториите на КИЦ, беше отворена историска изложба под наслов "Војводата Славчо Абазов". Автори на изложбата се професор д-р Зоран Тодоровски и м-р Мирјана Нинчовска. Изложбата ја отвори директорот на Државниот архив на Р Македонија д-р Зоран Тодоровски.
Изложбата е посветена на Злетовскиот војвода Славчо Анастасов Абазов, кој како борец за македонската слобода и независност си го вгради името, не само во богатата историја на злетовско-кратовскиот крај, туку и во македонската историја од крајот на 19 и првата половина на 20 век. Уште од својата рана младост тој се вклучил во македонското ослободително револуционерно движење и до крајот на својот живот останал активен во него.
Во подготовката на изложбата користени се материјали од Државниот архив на Р. Македонија, од архивот на МАНУ и од други научни установи и музеи од Р. Македонија, како и од Централниот државен архив на Р Бугарија, Државниот воено-историски архив од Велико Трново и други архиви и музеи од Р. Бугарија.