Македонските писатели Отец Пимен, Стефан Марковски и Владимир Мартиновски ќе учествуваат на Меѓународниот фестивал за поезија „Орфеј – Пловдив 2020“, кој ќе се одржи во Малата ранохристијанска базилика во Пловдив од 24 до 26 септември 2020.
На Фестивалот ќе земат учество 12 автори од 9 земји – Хрватска, Србија, Унгарија, Турција, Шпанија, Израел, САД, Северна Македонија и Бугарија.
Специјален гостин на овогодишното издание на Меѓународниот поетски фестивал е Отец Пимен, Митрополит на Европската епархија на Македонската Православна Црква. На првата вечер, 24 септември, непосредно по официјалната церемонија и читање, во Малата ранохристијанска базилика ќе се одржи претставувањето на неговиот прв роман „Излегов“, преведен на бугарски јазик и издаден од Фондацијата „Пловдив ЛИК“, кој е и организатор на фестивалот.
На истото уникатно и историско место во Пловдив ќе бидат претставени и литературните дела на македонските автори Стефан Марковски и Владимир Мартиновски, а ќе може да се слушнат уште дела на други јазици, меѓу кои: бугарски, српски, турски, англиски, унгарски, шпански и хебрејски.
Северна Македонија за втори пат учествува на овој поетски фестивал. Минатата година македонските учесници - Никола Маџиров и Славица Гаџова Свидерска беа и наградени.
Повеќе информација за настаните и Фестивалот можете да најдете на www.orpheus-plovdiv.eu