На 6 јуни 2024 во галеријата на КИЦ во Софија се одржа првата вечер од Петнаесеттата македонска книжевна визита во Софија, која што ја организира Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје. Целта на визитата беше афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.
Овогодишната Македонска визита започна со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, за чие поетско творештво говореше универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска. На настанот беа презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик, а поздравни беседи имаа претставници на Сојузот на бугарските писатели и на Друштвото на писателите на Македонија.
Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија беше доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“, која што се доделува на бугарски автор со непореклив книжевен интегритет, со значителен придонес во унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Овогодишното признание му припадна на неодамна починатиот бугарски писател Алек Попов, кој со своите дела е одамна омилен меѓу читателите во Бугарија и во Северна Македонија. Признанието „Македонски книжевен Дедал“ го прими неговата сопруга Делјана Манева која се обрати кон присутните заблагодарувајќи се.