Проф. д-р Зоран Пејковски, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на 25 ноември 2024 имаше обраќање по повод конференцијата за културните мостови меѓу Македонија и Бугарија на Софискиот универзитет, на покана на клубот „Европеистика“ при Филозофскиот факултет. Меѓу другото тој истакна: Македонската култура е една и единствена, бидејќи археолошките податоци за македонското древно тло, сведочат за ранонеолитски наколни населби во Охридско, уште 7.000 години п.н.е. Традицијата на уметноста на градењето расте низ вертикалата на вековите, од кои светско културно богатство, заштитено и од UNESCO, се средновековните центри, цркви, манастири, како што се 365-те цркви во бисерот на македонската култура и туризам - древниот град Охрид, како и сите културно-историски монументи кои ѝ даваат убавина на раскошната македонска култура... Сите овие пројави, сведочат за идеите и поривите за градење на филозофија на култура со длабоки духовни, интелектуални, творечки и уметнички корени со трајни, универзални вредности кои спаѓаат во драгоцената колекција на светското културно богатство... Македонската култура зрачи кон светот, со фасцинантни достигнувања, како што симболот на сонцето на македонското знаме зрачи, така и македонската уметност - зрачи со енергија и творечка животворност. Зраците - се подадени раце, сончеви прсти, енергија која се емитува кон публиката и кон светот...
На настанот, од македонска страна, присуствуваа и амбасадорката на РС Македонија во Бугарија Н.Е Агнеза Руси-Поповска, и ликовниот уметник Марјан Ѕингаров. Од бугарска страна зедоа учество Јавор Којнаков, претставник на Културниот институт при МНР на Бугарија, Александра Миланова и Бисер Банчев од Бугарската академија - Институт за балканистика.