Во Свечената сала на Народниот театар “Иван Вазов” во Софија, во недела, на 24 февруари, со почеток во 17:00 часот се одржa промоција на бугарското издание на драмата “Р” од Јордан Плевнеш, во превод од македонски на бугарски јазик на Ганчо Савов, а во издание на софиската издавачка куќа Балканика. На свеченоста пригодна реч одржa Претседателот на Балканика, Николај Стојанов, а извадоци од драмата читаа првенци на Народниот театар "Иван Вазов" и со пригодна реч на големото режисерско име Александар Морфов. На промоцијата во свечената сала на театарот "Иван Вазов" беа присутни бројни видни личности од театарскиот и културниот живот на Р. Бугарија.
Драмата “Р” беше изведена во Народниот театар “Иван Вазов” во октомври 1992 година, во режија на Љубиша Георгиевски, и тоа беше прво дело на македонски автор на сцената на Народниот театар во Софија, по прогласувањето на македонската независност. Драмата "Р" е поставена на 20 светски театарски сцени, со бројни рецензии меѓу кои и од "Њујорк тајмс" и "Гардиан".