Промоцијата на романот „Една книга“ во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на 22 ноември 2024, ја отворија директорот – проф. д-р Зоран Пејковски и Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, амбасадор на РС Македонија во Софија, со претставувањето на авторот Валентин Нешовски пред публиката. Тие говореа и за долгогодишно познанство со писателот и искуството од нивната соработка во минатото.
Наталија Недјалкова, која е преведувач на романот, со особено воодушевување го сподели своето искуство од првиот контакт со „Една книга“, со работниот процес и динамиката на нејзината работа околу преводот на книгата. Таа, заедно со писателката Роза Бојанова, под чија редакција излезе „Една книга“, ја прочитаа рецензијата на проф. д-р Денчо Михов – директорот на издаваштвото „Либра Скорп“.
Сите учесници во промоцијата се искажаа мошне позитивно за квалитетите на литературното дело на Нешовски, во кое се преплетени мноштво информации од областа на квантната физика, музиката, филозофијата и т.н.
Авторот Нешовски ја запозна публиката со процесот на пишувањето на книгата, а исто така прочита неколку од рецензиите од македонското и српското издание на „Една книга“.
На крајот од вечерта авторот Нешовски и бугарскиот издавач „Либра Скорп“ подарија примероци од книгата на присутните, а некои од нив се здобија и со автограми.