На 26 октомври (четврток) 2023, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на книгата „Од истото тесто“ од Бранко Цветкоски. Оваа поетска книга на Цветковски е издание на издавачката куќа „Захариј Стојанов“ од Софија, преводот е на Роза Бојанова.
На промоцијата, за литературното дело „Од исто тесто – стихови за смртта и надежта“ ќе говорат: издавачот Иван Гранитски, преведувачката и писателка Роза Бојанова, писателот Димитар Христов и самиот автор – Бранко Цветкоски.
Македонскиот поет и книжевен критичар Санде Стојчевски, во еден дел од својот осврт кон книгата, за делото на Цветкоски напишал:
„Неговиот книжевен успех, таа вистинска експлозија на сите јазици на светот, значи особена гордост за македонската литература и култура, зашто е меѓу најретките, меѓу неколкумината современи писатели од кај нас, кои заради слоевитоста и длабочината на своите лирски текстови се препознаени како извишени книжевни присутници на богатата мапа на креативни индивидуалности. За тоа сведочат високите оцени од големите критички пера на јазиците каде што се печатат неговите книги, но и големите одличја, наградите и признанијата што ширум културниот свет ги споделува со најистакнатите книжевни творци во современиот свет.
Најновата книга поезија на Цветкоски носи спрегнат, повеќеслоен, возбудливо рефлексивен наслов од чиј центар може да се извлечат нијанси и разгатки што упатуваат на позиција според која сè вкупом извира од една иста формула. Колку и да успеваат да се раздалечат составките на тоа несогледливо и таинствено СÈ, на какво и да е растојание до кое можат да стасаат во амбицијата за да се достигнат себе, колку и да се засолнат во лушпата на посебност и да се потргнат во различност, станува јасно дека и границата помеѓу „овој и оној свет“ е само наша умисла, неотстранлива условност, слаб привид од утеха. Всушност, дали е воопшто нужно да стане збор за утеха, зашто се покажува дека тоа заедништво, таа сеопфатна поврзаност на сè што е одавде и оданде, не е никаква ускратеност или каква и да е пречка кон сопствено профилирање, туку широка порта која води кон мисловна просветленост дека „под исти прсти се извива музиката на вечноста“, дека нема друга сушност, друго тесто, како што пее поетот.“
***
Бранко ЦВЕТКОСКИ (Слатино, Охридско, 21 јуни 1954) е македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач.
Завршил Филолошки факултет на универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Работел како новинар во весникот „Нова Македонија”, бил главен уредник на Книгоиздателството „Култура“, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на манифестацијата „Рацинови средби”, директор на Македонскиот народен театар, уредник и главен уредник на списанието „Стремеж“, еден од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач, директор и главен уредник на издавачката куќа „Макавеј“ и списанието „Книжевно житие“, уредник-продуцент во Македонската информативна агенција (МИА), член на уредувачкиот одбор на едицијата „Македонска книжевност во 135 тома“ и на едицијата „Превод на литературни дела што добиле Нобелова награда“, како и директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Живее во Скопје.
Цветкоски е член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, почесен член на Сојузот на бугарските писатели, член на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Македонија, член на Академијата на убавите уметности – Вевчани.
Учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци во: Бугарија, Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Романија, Молдавија, Русија, Полска, Кина, Црна Гора, Словачка, Чешка, Азербејџан, Украина, Унгарија, Шведска итн.