На 27 февруари 2024 година во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија се одржа промоцијата на романот „Боксерот од Ново маало“ од македонскиот писател Владимир Плавевски. Романот преведен на бугарски јазик од Маријан Петров, излезе како издание на Издавачката куќа „Персеј“ во 2024 година.
Кон публиката од пријатели на Културно-информативниот центар најпрво се обрати амбасадорката на нашата земја во Софија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, изразувајќи им срдечно добредојде на присутните.
Потоа следеше информативно обраќање од страна на младата Дорина Иванчева, ученичка во Француската гимназија во Софија и добитничка на конкурсот „Амбасадор за еден ден“ на Министерство за надворешни работи на Република Бугарија. Таа ги запозна присутните за содржината на романот, претставувајќи кратка информација, подготвена од страна на Издавачката куќа.
Улогата на основен промотор на литературното дело на Плавевски припадна на книжевниот критичар и издавач Пламен Тотев, кој се осврна на квалитетите и доблестите кои Владимир Плавевски ги поседуваше, за пријателството и за петте негови книги издадени од Издавачката куќа „Персеј“ во Бугарија.
Во продолжение, преведувачите Маријан Петров и Тања Попова прочитаа кратки делови од неговото литературно дело. Тања Попова кон крајот на вечерта се осврна и на книгата „Динга стоп“, која исто така наскоро излезе од печат.
Промоцијата помина во позитивна, пријателска атмосфера и разговори во кои се споменуваше ликот и делото на Владимир Плавевски, и беше вечер во чест на македонскиот писател кој почина минатата 2023 година.