На 11 мај (вторник) 2021 во КИЦ на РСМ во Софија ќе се одржи промоцијата на книгата „Преобразби“, која е составена од поетски дела на македонскиот писател Владимир Мартиновски. Со почеток од 18:00 часот, ова литературно издание ќе биде претставено пред публиката од страна на издавачот Мартин Христов, од бугарското Издателство „Ерго“, од преведувачот, поетот и ликовниот уметник Роман Кисјов, кој воедно го направи изборот и содржината на книгата, како и од самиот автор на поетските дела Владимир Мартиновски.
Местата за промоцијата на книгата се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние кои претходно се запишале. Контролираниот достап е со цел одржување на дистанца меѓу посетителите и почитување на мерките за справување со пандемијата од Ковид-19.
Книгата „Преобразби“ ќе биде претставена и на 12 мај, на Европската ноќ на литературата која во организација на странските културни центри и амбасади во Бугарија се одржува по десетти пат. Во дворот на Куќата-музеј на Пејо Јаворов во Софија, каде што ќе биде македонското читателско место, поголем број од заинтересираната публика ќе може да се запознае со поезијата на Владимир Мартиновски.
„Владимир Мартиновски е модерен, концептуален автор – секоја негова книга е организирана со определен концепт и е задлабочено обмислена. Неговата поезија е интелектуална, естетичка и истовремено лесно достапна. Таа е богата со теми и идеи, во неа коегзистираат парадоксалното, необичното и обичното, егзистенцијалното и интимното, неопфатното и малото, метафизичкото и предметното… Таа, покарај тоа, е богата и со експерименти од областа на јазикот и со графиката и структурата на стихот. За жал до овој момент авторот е скоро непознат во Бугарија. Книгата „Преобразби“ ја пополнува таа празнина во познавањето на еден од најинтересните современи македонски поети. Таа го содржи најдоброто од неговата поезија и во неа се вклучени текстови од скоро сите негови поетски книги.“ (Роман Кисјов)
Владимир Мартиновски (1974) е еден од најсилните претставници на средната генерација во литературата на РС Македонија – вистински ерудит и интелектуалец, повеќедимензионален творец, поет, белетрист, есеист, литературен критичар, преведувач, музичар, универзитетски предавач – професор по општа и компаративна книжевност... Автор е на дваесетина книги, од кои половината се поезија. Вклучен е во различни антологии на современата македонска поезија. Преведуван е на многу јазици. Учесник е во бројни меѓународни литературни форуми, писателски резиденции и поетски фестивали. Тој има составено неколку тематски антологии.