Во организација на Културно-Информативниот Центар на Р.Македонија, на 26 март во 19:00 часот во Театарска сала на СУ, "Алма Алтер" беше промовирана книгата "Преместен камен" од Никола Маџиров. За животниот и поетски пат на Маџиров, од родната Струмица до најпрестижните светски поетски сцени, признанија и награди, зборуваше директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Васко Шутаров. Поетското читање го отвори самиот Маџиров, со читање на македонски јазик. На бугарски јазик стиховите на Маџиров ги интерпретираше познатиот актер Јулијан Вергов а Теодосиј Спасов имаше бриљијантни музички интермеца на својот кавал. За Маџиров и неговите песни, свои осврти имаа негови колеги, познатите бугарски поети и теоретичари на литературата, Федја Филкова, Роман Кисјов, Силвија Чолева, Георги Господинов и Александар Ќосев. Настанот беше медиумски покриен и снимен од Бугарската Национална Телевизија-БНТ, во чија утринска програма Маџиров беше специјален гост.
Никола Маџиров – поет, есеист и преведувач, роден 1973 г. во Струмица, Р.Македонија. Неговата поезија е преведена на три есетина светски јазици и публикувана во антологии и списанија во САД, Европа, Азија и Латинска Америка. Добитник е на највисоки македонски и престижни меѓународни награди и признанија, како што е европската награда Хуберт Бурда. Маџиров е едно од најсветлите имиња во современата македонска поезија, а европската и светска литературна критика него го споредува со добитници на Нобеловата награда (Томас Транстромер) и со најголемите имиња на светската поезија на XXΙ век. Ова е негова прва промоција во Софија и Р.Бугарија.