На 20 април 2021, со почеток од 17:00 часот, во КИЦ на РСМ во Софија ќе биде претставен шоу-спектаклот „Сапунена фантазија“ на Коле Китанов.
- Меурите од сапуница секогаш биле и ќе бидат неверојатна игра за помалите и еден магичен феномен за возрасните. Уште повеќе кога ги надминуваат нашите очекувања. Сапунена фантазија е шоу спектакл во стилот на класичните кловновски точки и апсурди. Со многу хумор, интеракција и професионализам, меурите од сапуница прават чуда. Квадратни меури, меури со дим , со оган, меури долги и шарени како виножито и за крај - човек затворен во меур од сапуница. Сето ова и уште повеќе изненадувања го прават овој шоу спектакл, како едно вселенско патување наречено Сапунена фантазија.
Местата за претставата се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние кои претходно се запишале. Со почеток од 18:00 часот претставата ќе биде прикажана повторно пред нова публика. Овие мерки се со цел одржување на дистанца меѓу посетителите и почитување на мерките за справување со пандемијата од Ковид-19.
...
Коле Китанов е од Струмица, Република Северна Македонија.
Во 2012 г. аплицира и започнува студии во Националната Академија за Театар и Кино во Софија, во класата на проф. Жени Пашова со специјалност Актер за куклен театар, која успешно ја завршува во 2016 година. Две години подоцна, во истата академија, се запишува на постдипломски студии со специјалност Режија во куклено-театралните практики и во 2020 г. е веќе дипломиран магистер.
Коле живее и работи во Софија. Тој е еден од основачите на добро познат, меѓу детската публика во Бугарија, куклен театар Мале-мале.
Куклен театар Мале-мале постои од 2013-та година и до ден-денешен создава авторски и класични детски пиеси во стилот и средствата на куклениот театар. Неговиот театар е домаќин и на неговата дипломска претстава „Историја за разбојници“ од Карел Чапек и „Сапунена фантазија“ што е негов авторски шоу-спектакл со огромни сапунени балони.