Седмата по ред книжевна визита на поети од Р.Македонија, остварена во соработка на ИД Макавеј и КИЦ на Р.Македонија во Софија и подржана од нашето Министерство за култура, свечено беше отворена на 8 Мај во Софија. На отворањето, директорот на Културно-информативниот Центар м-р Васко Шутаров и главниот уредник на ИД Макавеј м-р Владимир Цветковски ја нагласија благородната мисија на овие книжевни визити во правец на зближување на двете култури и литератури.
Во првиот дел од книжевната вечер, беше претставен книжевниот портрет на поетот Раде Силјан, за чие дело зборуваа поетите Бранко Цветкоски и Санде Стојчевски. Македонската книжевна вечер со свои творби ја збогатија и Веле Смилевски, Славе Ѓорго Димоски, Братислав Ташковски, Кочо Топузовски, Виолета Танчева-Златева, Трајче Кацаров, Диме Ратајкоски а свои творби читаа и Раде Силјан, Бранко Цветкоски и Санде Стојчевски. Стихови интерпретираше актерот Иван Калошев. Книжевната визита продолжи и на 9 Мај, кога во просториите на Македонскиот културен Центар свои творби читаа 15 бугарски поети. Истата вечер на поетот и преведувач Роман Кисјов му беше врачена наградата "Македонски книжевен Дедал".