КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Сојуз на музички уметници на Македонија

На 19.01.1947 година за прв пат во својата историја македонските музичари ги обединија своите сили и креативни потенцијали и ги ставија во служба на организирано издигнување и развивање на нашата музичка култура. Имено на овој датум во просториите на Радио Скопје се одржа основачкото собрание на Друштвото на продуктивните и репродуктивните музичари на Македонија, каде што беше избрана првата управа предводена од корифеите на современата македонска музичка култура Петре Богданов - Кочко (претседател), Тодор Скаловски (потпретседател), Живко Фирфов, Васил Ќортошев, Александар Шалевски, Васил Ѓаконовски - Шпато, Славко Костовски. Амбициозните заложби и ентузијазам на членовите на оваа асоцијација резултираат со реализирањето на првиот концерт на ова друштво одржан на 05.02 истата година. На тој концерт зеде учество симфонискиот оркестар на Радио Скопје под диригентство на Тодор Скаловски и солистите Дидар Али - виолина, Лилјана Костиќ - пијано, Глигор Смокварски - кларинет и Иван Влахов - виола, со дела од Моцарт, Шопен и Дворжак. Тоа претставуваше вовед во идната богата концертна активност на друштвото и веќе на 09.05.1947 година во Македонскиот Народен Театар за прв пат беше изведена на македонски јазик операта „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи на аматерска основа во организација на Друштвото на музичарите на НР Македонија.

Во понатамошниот период следи интензивна активност на членовите на оваа асоцијација под чија иницијатива во 1948 год. е основана Државната опера на НР Македонија, а истовремено е формирана и првата „Пословница“ за организирање концерти. Во 1949 год. по препорака на владата на ФНРЈ направена е реорганизација на „Друштвото на музичарите на Македонија“ од кое произлегоа две здруженија, едното на музичките уметници на Македонија, а другото на композиторите на Македонија. Делувајќи самостојно Здружението на музичките уметници на Македонија ги продолжува своите активности и заложби за унапредување и збогатување на музичкиот живот. Така неговите истакнати членови се носители на раководните функции во штотуку основаната Државна опера, потоа Македонската филхармонија и други музичко образовни и научни институции. Во 1951 година во рамките на ЗМУМ формирана е Концертната дирекција на Македонија со задача да организира концерти на наши уметници во земјата и странство, но исто така и да поканува гости уметници од странство. До 1971 година кога престанува со работа, оваа концертна агенција беше организатор на огромен број квалитетни концерти и гостувања со истакнати наши и странски солисти. Во периодот до 1991 година Здружението на музичките уметници на Македонија и неговите членови го сочинуваат јадрото на концертниот живот на Р. Македонија, негувајќи во своите програми дела од светската музичка литература, но и давајќи особен придонес во изведувањето и промовирањето на македонското музичко творештво. Бележиме и бројни значајни настапи на наши музички уметници на сцените надвор од нашата земја и на бројни меѓународни фестивали. Наши истактнати уметници се членови во управните тела на постојните музички институции, управните одбори на фестивалот Охридско Лето, други манифестации, а исто така учествуваат во работата на телата кои ја креираат културната политика во музичката дејност.

По осамостојувањето на Р. Македонија, ЗМУМ делува под името Сојуз на музички уметници на Македонија и ги обединува сите сродни музички уметнички асоцијации. Негов домен на делување и понатаму претставува грижата за поквалитетен и континуиран музички живот во сите наши средини, промоција на нашите музички уметници, заштита на нивните права, издавање на носачи на звук, иницирање и реализирање на проекти од национален и интернационален карактер. Споделувајќи ги и соочувајќи се со актуелните проблеми на транзицијата во нашето општество, кои во голема мера се рефлектираат и во музичката дејност, СМУМ се наоѓа пред нови предизвици како да се подобри третманот на музичкиот уметник , како адекватно да се валоризира неговата работата и како да се обезбеди професионалното опстојување на музичките уметници во нашата средина. Соочени со фактот дека имаме евидентен наплив на млади и извонредно квалитетни музички уметници, СМУМ заедно со надлежните одговорни структури е исправен пред задачата како адекватно да ги промовира, негува и насочува нивните потенцијали, особено во поглед на менаџирањето на музичките уметници, обезбедувањето на промотивни материјали, комплетирањето на музичката инфраструктура и формирањето на концертна агенција се со цел нашата земја да обезбеди трајно и значајно место на европската и светската музичка мапа. Сублимирајќи го делувањето на СМУМ во изминативе 70 години може да се констатира дека СМУМ даде и сеуште дава исклучителен придонес за афирмацијата на македонската музичка култура и уметност.

Фестивалот „Златна лира“ кој се одржува во континуитет веќе 11 години претставува проект, кој е израз на потребата на македонските музички уметници од сите генерации, за побогат и континуиран концертен живот, мобилизирајќи ги сите креативни сили и релевантни фактори во заложбите за промоција  и афирмација на нашите културни вредности. Исто така овој фестивал има интернационален карактер овозможувајќи размена на концертни програми со музички уметници од странство и со сродни музички асоцијации. Циклусот на концерти „Pro musica“ е исто така дел од програмските активности на Сојузот на музичките уметници на Македонија и опфаќа организација на концерти со домашни и странски музички уметници низ повеќе градови во Република Македонија во текот на годината давајќи голем придонес за дистрибуција и популаризација на музичките проекти во сите наши средини.

Категория: 
Share

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31